Подготовка за аплицирање до фондови |
Четврток, 17 Февруари 2011 13:09 | |||
На 12 и 13 февруари оваа година, во Скопје, МЦМС ја организира и спроведе обуката „Подготвување предлог-проекти“. На обуката учествуваа 16 претставници од седум ромски граѓански организации и две општини. Учесниците имаа можност да слушнат и научат повеќе за тоа кои се фазите во раководењето со проектниот циклус, планирањето насочено кон целите и анализа на ситуацијата, идентификување на проблеми и цели, развивање на критериуми за селекција и избор на стратегија на основа на дефинираните критериуми, показатели, ризици и активности. „Предавањата и предавачите беа одлични, а материјата многу корисна за нас, кои доаѓаме од општинска администрација“, ни кажа Џулијета Мемедова од општина Делчево. „Ние како општина многу малку сме ги користеле фондовите од ЕУ. Обуката ќе ми биде многу корисна за пристапот до фондовите и како се подготвуваат правилно проектите“, додаде таа. И за Нешад Аземовски од граѓанската организација „Биосфера“ од Битола обуката беше доста корисна. „Обуката ги исполни моите очекувања. Атмосферата беше добра и релаксирачка. Методологијата беше добра, како и предавачите. Досега сум учествувал во подготовка и спроведување на различни проекти“, вели тој. „Информациите и стекнатите знаења ќе бидат искористени за пристап до ЕУ фондовите и професионалната работа. Обучувачите ни укажаа на што да внимаваме, на што да ставиме акцент, а дел од работите секако ќе ги градиме со искуството“, рече Нешад Аземовски. Обуката е дел од проектот „Пристап на Ромите до фондови“ кој го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка во соработка со организацијата Иницијатива за социјални промени (ИнСоК). Од успешните учесници на обуката ќе се создаде пул на испорачувачи на услуги кои ќе им помагаат на организациите (особено ромските) во подготовката на апликации за фондовите на ЕУ. Обуката ја спроведоа Фатмир Битиќи, надворешен обучувач и Валентина Чичева, обучува од МЦМС.
|