А1: Планетариумот на Киро Урдин ќе ја претставува Македонија во ООН |
Сабота, 01 октомври 2005 01:00 | |||
Гостин во А1 вестите е ликовниот уметник Киро Урдин, човекот кој на 26-ти октомври е поканет во Обединетите Нации, за на целиот свет му го покаже својот Планетариум. Која е идејата на Планетариумот? Идејата за Планетариумот јас повеќе пати сум ја повторил, можам само да назначам дека тоа ќе се случи во Женева. Инаку тоа ќе биде по повод 60 години од основањето на ООН и секоја земја членка, ќе даде едно свое дело. Ставот на Министерството на култура беше - Планетариумот да ја претставува Македонија на таа значајна манифестација. Тоа ќе биде една изложба на современа уметност, која се затвора токму со Планетариумот. Идејата почна со платно, понатаму се збогати со филм, подоцна со балети и сега со некои фотографии од некои други областа на уметноста. Она што сакам да напоменам е дека, првобитната идеја на министерството беше да оди само филмот Планетариумот, меѓутоа подоцна се отиде на една збогатена варијанта - ќе оди филмот Планетариумот и плус 20 минути од балетот Планетариум, кој е во кореографија на американката Деби Винсон, а балетот веќе се подготвува во Торонто. Вие имате добиено награда на Њујоршкиот филмски фестивал. Да, филмот беше награден како најдобар документарен филм на фестивалот во Њујорк, меѓутоа наградата е само како основна работа - самото дело да продолжи да работи и да се приклучат и други уметници, кои ќе дадат свој допринос и ќе го збогатат самото дело, Планетариумот. Се надевам дека ќе се вклучат поголеми автори, кои ќе ја издигнат на уште повисоко ниво самата идеја, затоа што, токму Планетариумот доаѓа во идеите на ООН - зближување на културите, но и зачувување на посебноста кај секоја култура. Вие ја претставувате Македонија со вашето име и вашата уметност. Во Македонија во моментов има акција „Спомнувај ја Македонија за добро“ - акција на „Форум“ и „МЦМС“. Како Вие ја спомнувате Македонија во Белгија - онаму каде што живеете? Мислам дека Македонија е едно вечно име и дека таа секогаш ќе остане тоа - тоа е желба на сите наши Македонци, меѓутоа мислам и на голем дел на луѓе од светот. Ние треба да веруваме во тој наш македонски сон. Исто така сметам дека главната битка на некои проблеми со нашиот јужен сосед, Грција - треба да го усмериме на еден друг начин. Не да се напаѓаме и обвинуваме, туку ја усмериме сета наша енергија кон Грција и кон Меѓународната заедница, да изградиме мост на доверба и да и покажеме на Грција дека, ние сме дефакто најголемиот и најверниот нејзин пријател. Ако успееме во таа насока и самата Грција ќе покаже подобри знаци на пријателство. Дали мислите дека сме опседнати со името, со црквата, со знамето? Ве прашувам и го цитирам Милчо Манчевски: „Ние се опседнуваме со црквата, знамето и името, а не си го поставуваме прашањето - колку ги заслужуваме овие работи, кога паркираме на тревници, уништуваме парк и староградски јадра“. Се согласувате ли со ова? Јас не се согласувам. Се согласувам со тоа дека секој човек има демократско право - право на свое мислење и во тој поглед се согласувам со г-динот Милчо Манчевски. Меѓутоа сметам дека тоа е едно основно право за сите - секој народ и секоја нација да има право да се вика како сака и да го има правото на европскиот сон, затоа што ние сме сепак една стара народ и стара култура, која дала исто така реципрочно на Европа. Меѓутоа во тој правец, мислам дека некогаш недостасува еден слух од повисоки политички фактори е да имаат сепак една толеранција за еден народ, кој не може сам да се одбрани и кој ги има сите тие права кои се зацртани во тие меѓународни повелби. Така да, доколку Македонија би влегла побрзо во Европа, мислам дека сето тоа побрзо ќе се надмине, со помош на тие европски политички фактори. Извор: А1 (01.10.2005)
|