Добрососедство и односи со Бугарија 2017 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Добрососедство и односи со Бугарија 2017 PDF Печати Е-пошта
Среда, 08 ноември 2017 14:18

Автор: Сашо Клековски
Датум: јули 2017г.
PDF: dobrososedstvo-i-odnosi-so-bugarija-2017.pdf

dobrososedstvo i odnosi so bugarija 2017Во овој извештај се анализирани наодите од истражувањето „Добрососедство и односи со Бугарија“, кое за потребите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го спроведе М-Проспект. Истражувањето „Добрососедство и односи со Бугарија“, како и други истражувања на МЦМС во соработка со М-Проспект, претходни и кои следуваат, треба да послужат во информирана јавна дебата за предизвиците на Македонија во натамошните евроатлантски интеграции.

Односите со соседите се важни за Македонија, е став на големо мнозинство на граѓаните. Граѓаните ги оценуваат сегашните односи со соседите со 1,93 на скала од -5 до 5, што е подобрување во однос на оценката од 0,11 во 2013 година. Граѓаните за најпријателски сосед ја перцепираат Србија , по која следат Албанија и Бугарија. Најголемо подобрување на перцепциите има Бугарија. Граѓаните што мислат дека ниту еден сосед не е најпријателски е намален од 22,8 % во 2013 година на 17,9%. Ставовите, за Србија и Албанија, како најпријателски сосед се разликуваат меѓу етничките Македонци и Албанци. Мнозинство граѓани (59 %), без разлика на етничка припадност, ја смета Грција за најнепријателски сосед.

Граѓаните на Македонија според пријателското однесување (вклучувајќи и неутрално) ги рангираат секој од соседите од пријателска кон непријателска по следниот редослед Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција. Во последните пет години најмногу се подобрени односите, според перцепциите на граѓаните со Бугарија, Србија и Албанија. Со ниту еден сосед односиѕе не се подобрени според 27,1% граѓани. Етничките Македонци имаат најдобри лични искуства со Србија, најмногу ја познаваат нејзината историја и култура и за неа имаат најдобро мислење. Етничките Албанци имаат најдобри лични искуства со Албанија, најмногу ја познаваат нејзината историја и култура и имаат најдобро мислење за неа. Најмногу граѓани (59,6 %) сакаат еднакво добри односи со сите соседи, а потоа најблиски односи посакуваа со Србија, и Бугарија, а најмалку со Косово (2,5 %).

Националните политичари - најголема пречка за поинтензивна соработка меѓу Македонија и Бугарија. Додека во 2013 годна најголема пречка за поинтезивна соработка беше историското непријателство, во 2017 година тоа се националните политичари поради нивните теснопарѕски интереси. Историското непријателство и во 2017 година е на високо трето место со 24%, но промената на местата на двете прашања го истакнува значењето на националното лидерство. За големо мнозинство граѓани е важно да се подобрат односите/ соработката меѓу Македонија и Бугарија. За да се подобрат односите меѓу Македонија и Бугарија граѓаните сметаат дека е потребно подобрување на инфраструктурата и граничните премини и соработка во културата, забавата и спортот. Се чини дека граѓаните преферираат пристап во кој прво ќе се зголеми меѓусебната комуникација, а потоа би се адресирале поконтраверзните прашања како заеднички прослави на настани и херои.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Добрососедство и односи со Бугарија 2017