Време: Навика за дарување има, доверба нема - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Време: Навика за дарување има, доверба нема PDF Печати Е-пошта
Вторник, 19 јуни 2007 01:00

Дарувањето е чин на помагање и солидарност, а дури 82 отсто од граѓаните во Македонија даруваат, покажа истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кое беше спроведено лани.
Граѓаните најчесто даруваат пари и тоа од 10 до 100 денари, најчесто им ги даваат директно на лица за кои сметаат дека им треба помош.

Податоците на анкетата покажаа дека моментот на емоции и сожалување преовладува, и затоа луѓето најчесто даваат пари за здравство, за деца и млади како и за лица со посебни потреби, како и за потребите на верските заедници на кои им припаѓаат.
Според Гонца Јаковлеска, раководителка во МЦМС, кога се зборува за дарување не е спорно дека Македонија секогаш важела за солидарна и хумана држава, но освен тоа кај нас се уште не може да се зборува за филантропија.
- Дарувањето е повеќе индивидуален и неорганизиран пристап додека филантропијата е еден организиран и стратегиски начин на донација на пари. Се работи за добро разработена шема каде давателот на парите точно знае каде и како ќе завршат неговите пари - смета Јаковлеска.
Дека филантропијата не постои говори и фактот на недоверба кој е присутен помеѓу граѓаните. Затоа што луѓето не му веруваат на другиот, даваат пари на рака и директно, а не преку посредници или пак невладини организации.
Дури 42 отсто од анкетираните велат дека парите за донации не се користат наменски, а најмалку веруваат во донациите преку смс и телефон.
И од Центарот за институционален развој (ЦИРА) сметаат дека во земјава фали еден поорганизиран пристап за помош на беспомошните, а не дарување само по барање какво што има кај нас.
- Треба поголема анимација на невладиниот сектор кој треба да почне да ги негува односите со потенцијалните донатори, не да ги искористи еднаш и тука да заврши соработката. Донаторите пак треба и да се едуцираат во смисла да се запознаат со светските искуства на филантропијата и така да почнат да дејствуваат во заедницата - вели Никица Кусиникова од секторот за развој на филантропијата во ЦИРА.
Во прилог на ова се и грантовите на Центарот за развој што се наменети за невладиниот сектор имаат цел да ги поттикнат луѓето за враќање кон заедницата и нејзино помагање.
Освен невладините организации, негувањето на дарувањето се постигнува и преку семејството и преку волонтерските акции на младите луѓе.
- Кај нас има еден парадокс - за дарување се смета само ако нешто дадеш, а не ако нешто направиш, што го става во заден план волонтерството, кое е многу битен сегмент од развојот на филантропијата воопшто - додаваат од Центарот за меѓусебна соработка.

Б.И.

Извор: Време (19.Јуни.2007)

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Време: Навика за дарување има, доверба нема