Со парите од форумот ќе се гради пешачки мост на Брегалница |
Friday, 23 November 2012 00:00 | |||
На 22 ноември 2012 година, во големата сала на Спомен Домот АСНОМ во Делчево се одржа петтата форумска сесија. На сесијата присуствуваа 123 граѓани на општина Делчево и гости. Граѓаните на оваа сесија го избраа проектот што сметаа дека е најприоритетен за нив. Од петте проекти што беа ставени на гласање: Изградба и уредување на јавни површини; Расчистување на диви депонии во градот и неговата околина; Уредување на излетнички и туристички места; Пешачки мост преку реката Брегалница и Зачувување на рибниот фонд преку изградба на рибји патеки на р. Брегалница, најмногу гласови, вкупно 39 доби Пешачки мост преку реката Брегалница и тој ќе биде финансиран од проектниот фонд на програмата Форуми во заедницата. „Одлично е чувството што ние младите бевме дел од еден навистина значаен проект кој се подготвуваше во текот на форумските сесии, а уште позначаен е и фактот што граѓаните сами го одбраа она што навистина ѝм беше потребно – тоа е Пешачкиот мост преку реката Брегалница“, рече на крајот од сесијата Катерина Антовска. Градоначалникот на општина Делчево г. Горан Малешевски на присутните граѓани ѝм честиташе на направениот избор, а потоа од страна на граѓаните ги прими и 37-те препораки, за кои истакна дека, тој заедно со општинската администрација ќе направи се што е во рамките на нивните можности, истите да се реализираат во што е можно поголем број. На крајот на форумската сесија беше формирана работна група за следење на имплементацијата на избраниот проект и препораките, за кои ќе ги известат граѓаните на општина Делчево на последователната 6 форумска сесија.
|