Резултатите од форумот пред граѓаните на Крива Паланка |
Wednesday, 21 November 2012 00:00 | |||
На 20 ноември 2012 година, во хотелот „Турист" во Крива Паланка се одржа шестата тнр. последователна форумска сесија. На сесија присуствуваа вкупно 105 граѓани. Покрај прегледот на целокупниот форумски процес по фази на сесии и изработка на проекти, од страна на локалната самоуправа беа презентирани резултатите од реализираниот проект-Реконструкција на дел од главната градска улица „Свети Јоаким Осоговски“ на локалитетот „Стара чаршија“. Со инфраструктурното уредување на оваа делница во централното градско подрачје подобрен е квалитетот на живот на граѓаните на Крива Паланка, така што се создадени услови за безбедност во сообраќајот, поефикасно одржување и амбиентално уредување на стариот дел од градот. Во проектот се вложени вкупно 4.100.755 денари од кои 1.400 000 се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, 2.327.959 се општински средства, а носителот и партнерот ЈП „Комуналец“ заедно имаат инвестирано уште 372.796 денари. На граѓаните им се обрати Милка Митовска, претседател на Советот на општина Крива Паланка. „Во текот на сите сесии бевме сведоци на многу корисни предлози, идеи, добронамерни критики и укажувања водени од заедничката желба – да го направиме овој град прекрасно место за живеење“, рече таа зборувајќи за форумскиот процес. Митовска додаде дека Форумите во заедницата отвориле нови хоризонти за соработка и директно учество на граѓаните во процесот на создавање инфраструктурни содржини, и тоа од иницијатива до нивна комплетна реализација. „Многу важна придобивка е што граѓаните имаа можност, според демократски принципи, да одлучат што е најприоритетно за нивниот град и да го осознаат патот од идеја до реализација на проектите. Овде не се делевме ни по образование, ни по политичка определба, туку бевме единствени во настојувањата да го одбереме најнеопходниот, најпогодниот и во моментот најрационален проект“, рече таа. На оваа сесија беше презентирана и информација за преземените активности во однос на препораките за приоритетните потреби и проблеми дадени од страна на граѓаните до општината, од која можеше да се заклучи дека добар дел од нив веќе се во тек на реализација или се планирани во идните програми на општината.
|