Современа практична настава за прилепските електротехничари |
Wednesday, 26 September 2018 14:07 | |||
„Со проектот за реновирање и опремување на училниците со најсовремена опрема во прилепското СОУ Ристе Ристески- Ричко, се подига квалитетот на реализација на наставата и по завршувањето на образованието, учениците ќе бидат комплетно подготвени активно да се вклучат на пазарот на трудот“, рече Билјана Трајкоска, директорка на училиштето, за време на промоцијата на реновираните простории на 24 септември 2018 година. Реновирањето на училиштето вклучи замена на влезните врати и ламинатните подови во училниците, поправка и бојадисување на ѕидовите и крововите, инсталирање нова електрична мрежа со ЛЕД осветлување, набавен нов школски мебел и специјализирана наставна опрема. Опремувањето на кабинетите и специјализираните лаборатории за електротехника ќе им овозможат современа практична настава на сегашните и идни ученици од единственото училиште во Прилеп со паралелки во електротехничка и машинска насока. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, порача дека преку вакви инвестиции кадарот којшто се едуцира во Македонија ќе стане соодветен на економијата, односно на потребите на компаниите. Генералниот менаџер на Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп, Михаел Солтер, изјави дека компанијата го поддржува развојот на младиот кадар низ инвестиции во практичната настава и ги повика останатите компании да го следат нивниот пример. Реновирањето на СОУ Ристе Ристески Ричко е дел од Проектите за модернизација на образованието на МЦМС, истото чинеше 80 илјади долари, а го финансираше Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп.
|