Нови регионални активности за борба против корупцијата |
Wednesday, 12 September 2018 14:15 | |||
На 5 и 6 септември 2018 година, во просториите на МЦМС се одржаа првиот годишен координативен состанок и првиот состанок на Управниот комитет на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: градење на капацитети за мониторинг, застапување и подигање на јавната свест“. На состанокот учествуваа 12 претставници од 10 организации членки на Мрежата за развој и интегритет на Југоисточна Европа – СЕЛДИ, како и проектниот тим од МЦМС. „Со проектот ќе се утврдат приоритетите, потребите и целите во борбата против корупција во земјите од Западен Балкан, на кои потоа ќе се фокусираат активностите“, рече Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС и додаде дека ова е трет во низата проекти за СЕЛДИ финансирани од Европската Унија. Во периодот што претстои ќе биде подготвен и објавен повикот за доделување на мали грантови на тнр. грас-рут и мали организации кои работат во областа на антикорупцијата; ќе се направат подготовките за спроведување на системот за следење на корупцијата; ќе се подготви краток документ за јавни политики и обука за зајакнување на капацитетите на партнерите за истражување и воведување нови методологии. Покрај тоа, ќе се работи и на воведување нова методологија која ќе го дијагностицира феноменот на заробена држава. „СЕЛДИ во изминатиот период покажа дека има капацитет да влијае на антикорупциските политики во регионот. Сепак за проширување на активностите и поголема успешност во наредниот период сите организации членки треба да се посветат на пронаоѓање на нови фондови“ - истакна Руслан Стефанов, директор на сектор во Центарот за изучување на демократијата од Бугарија. На средбата, покрај работниот план беа разгледани и дискутирани и планот за застапување, планот за видливост и комуникација како и планот за набљудување и оценка на постигнатите резултати на СЕЛДИ. Проектот го координира МЦМС, а се спроведува во соработка со дванаесет организации од регионот и дваесет и една организација кои имаат статус на соработници. Финансиската поддршка е обезбедена од Европската Унија.
|