Советот на МЦМС го одобри Годишниот извештај за 2018 година |
Friday, 21 June 2019 15:48 | |||
Советот на МЦМС на 20 јуни 2019 година ја одржа четвртата редовна седница на која беше усвоен Извештајот за работа на МЦМС за 2018 година со Финансискиот извештај и Извештајот од независниот ревизор. Во годината во која МЦМС го одбележа јубилејот – 25 години од основањето се спроведуваа вкупно 37 проекти, а вкупниот реализиран буџет изнесуваше 116 милиони денари. Активностите главно беа во три од долгорочните цели на организацијата: вкоренето и влијателно граѓанско општество, добро владеење и борба против корупцијата и социјална инклузија и кохезија. Најголем донатор во претходната година е Европската Унија, а веднаш по неа Швајцарската агенција за развој и соработка. МЦМС доби „чисто“ мислење од ревизорите, без забелешки на водењето на финансиите. Членовите на Советот се интересираа за видливоста на резултатите и нивната комуникација со јавноста и ја истакнаа синергијата меѓу граѓанските организации што ја обезбедува МЦМС, а благодарение на која, граѓанскиот сектор е се поголем и повидлив чинител во општеството, значаен актер во разговорите и носењето одлуки. Покрај Годишниот извештај, членовите на Советот го избраа и новиот ревизор на МЦМС. Во следните четири години, независната ревизија ќе ја врши ревизорската куќа „Бејкер Тили“.
|