Граѓаните најдобро ги знаат проблемите |
Friday, 28 September 2012 00:00 | |||
На 27 септември 2012 година, со одржувањето на првата форумска сесија, започна меѓуопштинскиот форум на општините Василево и Босилово. Салата на мотелот „Мис Стон“ ја исполнија 175 граѓани и гости. На граѓаните им се обратија Димче Митрески - извршен директор на МЦМС и градоначалниците на Босилово и Василево, Љупчо Колев и Ванчо Стојанов. „За првпат организираме Форуми на заедници и нашата општина, но се надевам дека нема да биде и последен. Овде сме да го слушнеме гласот на граѓаните и заедно да го избереме оној проект што ќе го предложат жителите на Василево и Босилово“, рече во своето обраќање Ванчо Стојанов, градоначалникот на Василево. Градоначалникот на Босилово, Љупчо Колев истакна дека тие имаат претходно искуство во ваков процес и додаде дека граѓаните најдобро ги знаат проблемите кои ги тиштат и дека имаат капацитет да се вклучат во еден таков официјален форум. Темата „Водоснабдување и отпадни води“ за која граѓаните во иднина ќе дебатираат односно ќе идентификуваат проблеми и ќе нудат решенија, ја образложи Лилјана Соларова, претседател на Советот на општина Василево. „Ова е одлична можност ние граѓаните да донесеме одлуки како да се решат проблемите, посебно од областа на Водоснабдувњето и отпадните води“, рече Велика Ѓоргиевска, учесничка на форумот. „Ова е проблем не само за нашето село нашата општина ова е проблем и за жителите од општина Босилово кои граничат со нашата општина. Убедена сум дека ќе го најдеме вистинските решенија како да се надминат проблемите со кои се соочуваме, немање вода, канализации, филтер станици , неисчистени канали за одводнување итн.“ На оваа форумска сесија беше воспоставена и структурата на форумот и беа презентирани правилата за работа. На крај, беше формирана работна група која ќе работи на анализата на темата. Следната форумска сесија ќе се одржи на 18 октомври 2012 година во ОУ Гоце Делчев во општина Босилово.
|