Посети на верски објекти и служби
Студенти, членови на верските заедници, православни, исламски, католички, протестантски и еврејски свештеници, како и граѓаните имаа можност да посетуваат објекти на најразлични верски заедници и да се запознаваат со верските обичаи и практики во црквите, џамиите и синагогите низ Македонија, но и надвор од државата.

Иако фокусот на посетите беше насочен кон верските објекти на Македонската православна црква и Исламската верска заедница, беа посетувани и верски објекти и на другите три верски заедници: Католичката црква, Еврејската задница во РМ и Евангелско-методистичката црква.

Од 2003 до 2007 година беа реализирани повеќе 20 посети на  верски објекти со овеќе од 350 учесници. Досега се посетени следните верски објекти: Соборниот храм “Св. Климент Охридски” во Скопје, Мустафа Пашината џамија во Скопје, манастирот “Св.Богородица Пречиста” во Кичево, православните манастири „Св. Климент” и „Плаошник” во Охрид и Ктоличката црква во Охрид, „Мустафа Челеби џамијата” и теќето „Хасан Баба Хајати” во Струга, Католичката катедрална црква „Пресвето Срце Исусово” во Скопје, „Евангелско-методистичката црква” во Струмица, синагогата „Бет Јааков” во Скопје, верски објекти и служби во Сараево, Босна и Херцеговина, Православниот манастир „Зрзе”, „Шарената џамија” во Тетово, манастирот „Св. Јован Бигорски” и „Католичката црква” во Охрид, три манастири од Полошко кумановската епархија (манастирите Св. Ѓорѓи од Дељаровци, Св.Ѓорѓи од с.Нагоричане и Св. Јоаким Осоговски од Кривопаланечкиот регион), а беа посетени и поважните верски објекти во Истамбул, Турција.


Студентите и заинтересираните граѓани, кои присуствуваа на посетите имаа можност да се запознаат им беа појаснети основните карактеристики на верската заедница која се посетува, архитектурата на храмовите, значењето на службите и слично.

При секоја посета свештените лица во храмовите беа оние кои ги пречекуваа гостите и им појаснуваа за најзначајните учења на нивното верување. По дадените објаснувања студентите имаа можност да поставуваат прашања. Проектот, иако на почетокот прифатен со резервираност, постигна голем успех и во смисол на потполна реализација и заради покажаниот интерес за посетите.


Интересот на посетителите за овој проект беше следен преку прашалници. Еве дел од импресиите од посетите. Студент од ФИН за посетата на Соборниот Храм рече: “Имам многу пофалби за остварената соработка. Мислам дека посетата беше организирана добро од самиот почеток, а доказ за ова е и пречекот од свештеникот и другите вработени. Оваа посета беше едно практично запознавање со црквата. Исто така беше запознавање и со работата на свештениците во црквите и нивната работа со луѓето. Многу сум задоволен од оваа посета. Научив многу работи од нашата взаемна комуникација. Се надевам дека нашата соработка нема да заврши тука”.
Друг посетител истакна: “посетите на верските храмови се позитивен настан, кој ни овозможува повеќе да го цениме она што го имаме во нашата земја”.

Од посетата на џамијата Мустафа Паша една посетителка ја објасни посетата со зборовите “
презадоволна сум, особено од топлиот прием на деканот, сите учесници на службата беа потполно отворени, гостољубиви и полни со разбирање. Се оствари вистинско чувство дека сум посетила духовен храм”.

Од посетата на манастирот Св.Богородица Пречиста еден посетител истакна “
особен впечаток ми остави фрескосликарството и иконата на Богородица под која се протнува за здравје и среќа. За мене претставува уште едно големо духовно обогатување присуството во едно црковно светилиште”.

Еден од посетителите на Евенглеско-методистичката црква истакна дека
најкорисно нешто од посетата му биле претставувањето на домаќините, затоа што биле објаснети нешта за кои тие не биле информирани.

Посетителите ја истакнаа ваквата соработка како потребна бидејќи овозможува подобро запознавање и ја намалува верската нетрпеливост.  


Галерија:
 

Кратенки:
МЦМС – Македонски центар за меѓународна соработка
МПЦ – Македонска православна црква
ПБФ – Православен богословски факултет
ИВЗ – Исламска верска заедница
ФИН – Факултет за исламски науки
КЦ - Католичка црква
ЕМЦ – Евангелско-методистичка црква
ЕЗРМ – Еврејска заедница во Република Македонија