Денови на верските заедници
Целта на Деновите на верските заедници беше да се подобри меѓусебната соработка и информираност помеѓу верските заедници во Македонија, како и да се информира општата јавност за нивните активности.
За организација на целокупните активности беше формиран Организациски одбор (ОО), кој се состоеше од претставници од 5-те верски заедници (Македонска православна црква, Исламска верска заедница, Католичка црква, Евангелско-методистичка црква и Еврејска заедница), како и претставник од МЦМС.

Деновите на верските заедници се одржаа во Скопје на 1-2.12.2004 година. Учество земаа 18 од вкупно 25 регистрирани верски заедници и религиозни групи. Покрај верските заедници, на настанот беа претставени и информации за активностите на Комисијата за односи со верските заедници во Македонија, како и граѓанските организации кои се активни на ова поле.

Настанот беше отворен со обраќањата на Драги Костадиновски - Архиерејски заменик на Архиепископот на МПЦ, Јакуп Селимовски - Директор на секторот за верски прашања при ИВЗ, д-р Јоаким Хербут - Бискуп на Католичка црква во Македонија, Здравко Шами - Претседател на Еврејската заедница во РМ, Михаил Цеков - Надлежен пастор на Евангелско-методистичка црква во Македонија и Сашо Клековски - Извршен директор на МЦМС. Ова беше прв настан од овој вид кој им овозможи на верските заедници да се претстават пред пошироката јавност преку изложбен и форумски дел.

Деновите на верските заедници беа посетени од 374 посетители. За следење на мислењето на посетителите на настанот беа подготвени Прашалник за оценка на саемот и Прашалник за оценка на форумски настан. На прашалникот за оценка на саемот одговориле 75 лица.
На прашањето Дали сметате дека Деновите на верските заедници се корисни и потребни, 74 испитаника одговориле позитивно, а само 1 негативно. На прашањето “Зошто дојдовте да ги посетите Деновите на верските заедници?” најчести одговори се: да видиме што изложуваат верските заедници и заради понуда на литературата. На прашањето “Како ја оценувате организацијата на настанот?” добиени се различни оценки: со оценката 3 го оцениле 12 испитаници, со 4 се изјасниле 20, а со 5 го оцениле 36 испитаника.

Галерија:
 


Кратенки:
МЦМС – Македонски центар за меѓународна соработка
МПЦ – Македонска православна црква
ПБФ – Православен богословски факултет
ИВЗ – Исламска верска заедница
ФИН – Факултет за исламски науки
КЦ - Католичка црква
ЕМЦ – Евангелско-методистичка црква
ЕЗРМ – Еврејска заедница во Република Македонија