Адресар на верските заедници
Во 2004 година МЦМС во соработка со верските заедници го издаде Адресарот на верските заедници. Адресарот е издаден во 700 примероци на македонски јазик и во скратена верзија на албански и англиски јазик со по 300 примероци. Тој ги содржи основните податоци на сите регистрирани верски заедници во Македонија (адреси на канцеларии, контакт податоци, имиња на верските лидери и членовите на највисоките раководни тела, членство, вид и број на верски објекти, образовни институции, публикации и списанија, хуманитарни организации итн). Ова издание им овозможи подобра и побрза комуникација помеѓу свештениците од различните верски заедници.

Единствен критериум за вклучување во Адресарот беше регистрација во Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Македонија. Комисијата води регистар, во кој досега се регистрирани 25 верски заедници.

Со Адресарот се опфатени 23, од вкупно 25 верски заедници, регистрирани во Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи во Република Македонија, според Законот за верските заедници и религиозните групи (Сл. весник 37/1997-1426). Со оглед на тоа што едната од овие две неопфатени верски заедници не ги обновила податоците од првичното регистрирање, а другата е во процес на пререгистрација во здружение на граѓани, може да се смета дека Адресарот обезбедува стопроцентна целосна опфатеност.

Адресарот беше дистрибуиран до верските заедници, домашни и странски граѓански организации, амбасади и конзуларни претставништва, медиуми, образовни институции и владата на РМ. Новото издание на адресарот се очекува кон средината на 2008 година.


Адресар на верските заедници во Македонија