На 13 јуни 2025 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје се одржа консултативна средба за финализирање на Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028. Настанот беше организиран од Одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата, во партнерство со проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија. На средбата учествуваа 26 претставници на граѓанските организации и државните институции кои се членови на работната група за подготовка на Стратегијата, членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како и претставници на граѓански организации кои активно придонесоа со предлози во консултативниот процес.
Во дискусијата преовладуваше приоритетната цел за унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации, а пред се зголемувањето на финансиската поддршка од централниот буџет и од буџетот на единиците на локалната самоуправа и обезбедување на друг вид на поддршка, воспоставувањето на гарантен фонд за финансиска поддршка на граѓанските организации што се добитници на проекти од европски и други фондови, измена на Законот за игрите на среќа и за забавните игри како и транспарентноста и отчетноста на државното финансирање и другите видови на поддршка за граѓанските организации. Во однос на механизмите и моделите за соработка и учество на граѓанските организации во креирање политики и во ЕУ интегративниот процес, беше истакнато дека во Стратегијата треба да се афирмираат и постојечките механизми и да се залагаме за продолжување на нивното функционирање, пред се мислејќи на секторските работни групи.
Значителен дел од консултативната средба беше посветена на утврдувањето на показателите и следењето на спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план. Беше предложено, по усвојување на Стратегијата, да се развие Систем за мониторинг, евалуација и учење, кој ќе служи како алатка за мерење на напредокот во спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план. Согласно Упатството за структурата, содржината и начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на сeкторските и мултисекторските стратегии, по усвојување на Стратегијата, ќе се подготват Пасоши на показатели, поединечно за секој показател. Важно е утврдувањето на деталите за секој показател да биде направено во консултација со граѓанските организации и Мрежата на државни службеници.
Изготвувањето на оваа Стратегија започна во ноември 2024 година, со јавниот повик на Одделението за соработка со невладини организации до сите заинтересирани граѓански организации да се вклучат со свои предлози за мерки и активности за новата Стратегија. Во јануари 2025, беше формирана работна група од претставници на државните институции и граѓанските организации кои активно работеа на изготвување на Предлог-Стратегијата и Акцискиот план. На 14 мај 2025 Предлог-Стратегијата со Акцискиот план беа објавени на ЕНЕР за јавни консултации до 12 јуни 2025.
На 23 мај 2025 беше одржана онлајн консултативна средба со граѓанските организации во организација на Граѓанскиот ресурсен центар и Одделението за соработка со невладините организации на која што учесниците имаа можност да дадат свои коментари и сугестии за подобрување на содржината на Стратегијата и Акцискиот план.
На 18 јуни 2025 година, Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028 ќе биде разгледана на третата седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество а потоа ќе биде доставена за разгледување и усвојување од Владата.
Консултативните средби се организирани во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.