Довербата во Македонија 2010 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Довербата во Македонија 2010 PDF Печати Е-пошта

Автори: Сашо Клековски, Емина Нурединоска и Даниела Стојанова
Дата: декември 2010 година
ИСБН: 978-608-4617-07-5
PDF:   doverbata-vo-makedonija-2010.pdf

Довербата во Македонија 2010МЦМС по четврти пат ја истражуваше довербата во Македонија и тоа Општата доверба и довербата во институциите; Довербата во граѓанското општество и Познавањето и мислењата за граѓанските организации.

Истражувањето покажа дека граѓаните имаат ниска општа доверба (9,7 %), а дека довербата во институциите е стабилна – индексот на доверба изнесува 41. Стабилноста е задржана, и покрај големиот пад во довербата во медиумите (53,6 % во 2008 г., на 40,4 % во 2010 г.) и умерениот пад на довербата во државата и во политичките партии, поради растот на довербата во граѓанскиот сектор и меѓународната заедница.

Довербата во државниот сектор е стабилна и индексот на доверба изнесува 44,5.

Мнозинство граѓани имаат доверба во армијата, образовните институции, полицијата, здравствените институции иако кај последните три има малото во однос на 2008 година.

Довербата во правосудството во 2010 г. изнесува 30,4 % и е зголемена за 9,2 процентни поени во однос на 2008 г. Довербата во судиите изнесува 28,8 % и е зголемена за 8,1 процентни поени во однос на 2008 г. кога доверба во нив имале 20,7 %.

Намалена е довербата во Владата и во медиумите. Владата има доверба од 36,8 %, што е намалување од 2008 и 2007 г. кога изнесува 51 %, односно 44,6 %, а е  повисока од довербата во 2006 г. кога изнесува 26,6 %.

Довербата во медиумите е намалена за 13,2 процентни поени.

Висока е довербата во ОН, во ЕУ и во НАТО и расте довербата во меѓународната заедница. Довербата во ОН, во ЕУ и во НАТО е слична, од 57,8 %, до 61,1 %. Довербата во меѓународната заедница е поголема за 6,3 процентни поени во однос на 2008 г.

Довербата во микро-претпријатијата и банките е висока и изнесува 59,3 %. Довербата во големите претпријатија е порасната во 2010 г. за 5,1 процентен поен во однос на 2008 г.

Мнозинство од граѓаните имаат доверба во „даскали, лекари и попови/ оџи“ односно во наставниците/ професорите, лекарите, свештените/ верските лица. Најмала доверба граѓаните имаат во судиите (28,8 %) и во цариниците (28,7 %).

Според добиените резултати, црквите и верските заедници имаат највисока доверба од граѓаните (62,9 %) меѓу чинителите на граѓанското општество. Граѓаните, речиси 20 процентни поени повеќе им веруваат на црквите и верските заедници отколку на граѓанските организации (здруженија и фондации) и 40 процентни поени повеќе од синдикатите и стопанските комори. Умерено зголемување на довербата (5,2 процентни поени) е забележано кај синдикатите и стопанските комори.

Истражувањето покажа дека дел од граѓаните гледаат на граѓанските организации како на средство за остварување на личните интересите, „диригирани“ од странски држави и злоупотребувани од политички партии. Мнозинство од 51,3 % сметаат дека политичките партии ги присвојуваат нивните ставови кога им се потребни, а кога немаат интерес ги осудуваат како блиски до другите, додека за скоро секој четврти граѓанин, граѓанските организации служат како гласноговорници на политичките партии. И покрај ова, малцинство од испитаниците (31,1 %) можеле да наведат конкретна организација зад која сметаат дека стои политичка партија.

Довербата се зголемува од општата доверба (42,5 %), кон довербата во посебните потсектори (58,5 %). Повисока од општата доверба имаат организациите кои работат со деца, млади и студенти, на лицата со посебни потреби, на жени и родови прашања, за животна средина и за спорт, хоби и рекреација.

Мнозинство од граѓаните (52,6 %) знаат успешни граѓански организации, што претставува умерено опаѓање во однос на 2008 г. Десетте најуспешни граѓански организации во 2010 г., според граѓаните, се: Црвен крст, Меѓаши, Ел хилал, Мост, ФИООМ, Разбуди се, Полио плус, МЦМС, СЗПМ и ХКЧП.

Граѓаните имаат позитивно мислење за конкретни граѓански организации. Односот на позитивно/ негативно мислење за граѓанските организации е зголемен од 3,5 во 2008 г. на 4,9 во 2010 г. и е највисок од односот забележан во сите претходни години (4,4 во 2007 и 4,3 во 2006 г.). За неколку граѓански организации, како Меѓаши, Црвен крст и Полио плус, значително е зголемено позитивното мислење.

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми