Избори во време на Ковид - 19 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Избори во време на Ковид - 19 PDF Печати Е-пошта

Дата: Јуни, 2020 година 
Автори: Александар Кржаловски и Фанија Ивановска
PDF: izbori-vo-vreme-na-korona-stavovi-na-javnosta.pdf

izbori vo vreme na korona stavovi na javnostaМакедонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) редовно ги проверува ставовите на јавноста за изборните процеси. Овој пат, во очи на десеттите парламентарни избори, проверката на ставовите е уште позначајна, имајќи ја предвид пандемијата предизвикана од коронавирусот. Македонија за прв пат ќе организира избори под притисок на растечкиот број на заболени од Ковид-19 што не е предизвик само за организаторите на изборите, туку и за истражувачите.

Ставовите на граѓаните за предвремените парламентари избори закажани на 15 јули 2020 година се добиени преку анкета на јавното мислење која е спроведена од 16 до 21 јуни 2020 година. За МЦМС и телевизија Телма, анкетата го спроведе агенцијата М-проспект.

Резултатите покажуваат дека речиси половина од граѓаните (47%) сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека секој трети граѓанин (34%) смета дека насоката е исправна.

Како и во многу претходни анкети, испитаниците во големо мнозинство (67%) изјавуваат дека ќе излезат на гласање. 

Зоран Заев е се уште во водство со речиси 19% поддршка, следен од Христијан Мицкоски со 15% и Али Ахмети на стабилните 7%. Кај партиите, разликата меѓу водечките коалиции е 1,6 пп, односно во рамките на статистичката грешка, што најавува неизвесен исход и не може да се прогнозира јасен победник на изборите. За коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ (заедно со БЕСА), би се определиле 23,5% од гласачите, додека за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ („Обнова“) 21,9% граѓани. Слично приближување има и кај партиите на етничките Албанци каде разликата меѓу ДУИ (6,4%) и коалицијата на Алијансата за Албанците со Алтернатива (5%) сега е само 1,4 пп.

Анкетирањето на граѓаните е направено преку телефонска анкета, на повеќеслоен стратификуван примерок од 1003 испитаници постари од 18 години, национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност, регион и место на живеење. Анкетирањето е правено на македонски и на албански јазик. Сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1% со прифатливо ниво на доверба од 95%.

 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Листа на истражувања и публикации