Граѓаните за изборите во Штип - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните за изборите во Штип PDF Печати Е-пошта

Подготовка и обработка на податоци: Миша Поповиќ,  Даниела Стојанова
Дата: Март 2013
ISBN: 978-608-4681-07-6
PDF:  gragjanite-za-izborite-vo-shtip-2013.pdf

shtip-2013-Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија Социетас цивилис - Скопје (ИДСЦС) спроведуваат повеќе заеднички активности за локалните избори 2013 година, кои вклучуваат истражувања, набљудување на изборните програми и кампањи, на медиумите, на изборната администрација и на денот на гласањето.

Дел од активностите се и испитувањата на јавното мислење за прашања поврзани со изборите, како карактеристиките на кандидатот за градоначалник, рејтинзите на кандидати и партии и слично. Во овој извештај се презентирани мислењата на граѓаните на општина Штип за излезноста на изборите, за која листа на советници би гласале и за кој кандидат за градоначалник би гласале.

Испитувањето на јавното мислење е направено преку телефонска анкета од 8 до 9 март 2013 г. на репрезентативен примерок од 811 испитаници со ± 3,5 % грешка. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериумите за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст и место на живеење. Од 811 испитаници, 49,6 % беа жени, а 50,4 % мажи, во однос на етничката застапеност 90,1 % од испитаниците беа Македонци, а другите етнички групи беа застапени со 9,9 %. Во однос на местото на живеење, руралната популација беше застапена со 6,4 %, додека градската со 93,6 %.

Би сакале да укажеме дека анкетата е направена во период на излез од политичката криза и на изборна кампања. Политичката поларизација влијае на јавното мислење, а со тоа и на резултатите од анкетата. Имајќи го предвид ова, категоријата „не сакам да кажам“ може да ги одразува „скриените гласачи“ и учеството на тие одговори може да влијае на објективноста на рејтинзите на партиите и/или кандидатите.

Исто така сакаме да укажеме дека и анкетите се направени според репрезентативен примерок каде етничките податоци се засновани на податоците од пописот од 2002 година. Недостатокот на понови податоци за различните етнички групи како и разликите во излезноста на различни демографски, етнички, географски групи може да влијае на објективноста на рејтинзите на партиите и/или кандидатите, поврзани со одредена етничка група.

Анкетата го одразува моменталното расположение на граѓаните, кое до изборниот ден може да биде подложно на промени.

Резултатите се прикажани во графикони на ниво на целиот примерок. Покрај графи-коните, податоците се прикажани и во бројки. Во извештајот незначително малцинство се употребува за одговори помалку од 10 % од примерокот, мало малцинство за 11 % до 30 %, малцинство за 30 % до 50 %, мнозинство за 51 % до 70 % и големо мнозинство за повеќе од 70 %.

Социо-демографските анализи за помалобројните социо-демографски групи поради нивното мало учество во примерокот не се коментирани во овој извештај. Во извештајот во одредени табели и графикони не се прикажани резултатите за „не знам“ и „без одговор“, поради што збирот на сите одговори не е 100 %. Исто така некаде не се прикажани ни одговорите под 1 %. Тоа е направено за потребите за поедноставно прикажување на резултатите. Прашалникот со целосните резултати е даден во прилог.

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Истражувања