Граѓаните за изборите во Куманово - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните за изборите во Куманово PDF Печати Е-пошта

Подготовка: Даниела Стојанова
Дата: Март 2013
ISBN: 978-608-4681-07-6
PDF:  gragjanite-za-izborite-vo-kumanovo-2013.pdf

kumanovoМакедонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија Социетас цивилис - Скопје (ИДСЦС) спроведуваат повеќе заеднички активности за локалните избори 2013 година, кои вклучуваат истражувања, набљудување на изборните програми и кампањи, на медиумите, на изборната администрација и на денот на гласањето.

Дел од активностите се и испитувањата на јавното мислење за прашања поврзани со изборите, како карактеристиките на кандидатот за градоначалник, рејтинзите на кандидати и партии и слично. Во овој извештај се презентирани мислењата на граѓаните на општина Куманово за излезноста на изборите, за која листа на советници би гласале и за кој кандидат за градоначалник би гласале.

Во рамките на проектот „Мојот избор“ истражувањето е спроведено од ИДСЦС преку телефонска анкета на 15 и 16 март 2013 година, на репрезентативен примерок од 813 испитаници со +/- 3,5 % грешка. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериумите за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст и место на живеење. Од 813 испитаници, 50,0 % беа жени, а 50,0 % мажи, во однос на етничката застапеност 61,1 % од испитаниците беа Македонци, 26,2 % беа Албанци, а другите етнички групи беа  застапени со 12,8 %. Во однос на местото на живеење, руралната популација беше застапена со 23,2 %, додека градската со 76,8 %.

Би сакале да укажеме дека анкетата е направена во период на излез од политичката криза и на изборна кампања. Политичката поларизација влијае на јавното мислење, а со тоа и на резултатите од анкетата. Имајќи го предвид ова, категоријата „не сакам да кажам“ може да ги одразува „скриените гласачи“ и учеството на тие одговори може да влијае на објективноста на рејтинзите на партиите и/или кандидатите.

Исто така сакаме да укажеме дека и анкетите се направени според репрезентативен примерок каде етничките податоци се засновани на податоците од пописот од 2002 година. Недостатокот на понови податоци за различните етнички групи како и разликите во излезноста на различни демографски, етнички, географски групи може да влијае на објективноста на рејтинзите на партиите и/или кандидатите, поврзани со одредена етничка група.

Анкетата го одразува моменталното расположение на граѓаните, кое до изборниот ден може да биде подложно на промени.

Резултатите се прикажани во графикони на ниво на целиот примерок. Покрај графиконите, податоците се прикажани и во бројки. Во извештајот незначително малцинство се употребува за одговори помалку од 10 % од примерокот, мало малцинство за 11 % до 30 %, малцинство за 30 % до 50 %, мнозинство за 51 % до 70 % и големо мнозинство за повеќе од 70 %.

Социо-демографските анализи за помалобројните социо-демографски групи поради нивното мало учество во примерокот не се коментирани во овој извештај. Во извештајот во одредени табели и графикони не се прикажани резултатите за „не знам“ и „без одговор“, поради што збирот на сите одговори не е 100 %. Исто така не се прикажани ни одговорите под 1 %. Тоа е направено за потребите за поедноставно прикажување на резултатите.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации