Организациска поддршка на конференцијата ЕРПГ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Организациска поддршка на конференцијата ЕРПГ PDF Печати Е-пошта

Групата за европско регионално партнерство (ЕРПГ) на Светскиот совет на црквите претставува мрежа на екуменски организации вклучени во ѓаконските и развојните програми на Централна, Југоисточна и Источна Европа. ЕРПГ мрежата одржува состаноци еднаш годишно. Оваа година ЕРПГ средбата се одржа во Охрид, Македонија од 13 до 17 мај 2008 година во организација на Светскиот совет на црквите (ССЦ), со поддршка од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). На средбата присуствуваа претставници од над 25 цркви, национални партнери (поранешни тркалезни маси), специјализирани министерства и екуменски организации вклучени во ѓаконските и развојните програми на Централна, Југоисточна и Источна Европа.

Организациска поддршка на конференцијата ЕРПГПроектот беше реализиран во рамките на програмата за Меѓурелигиска соработка во Македонија, чии што цели се насочени кон збогатување на меѓусебната соработка меѓу верските заедници и подобрување на разбирањето за нив кај целокупната јавност во Македонија.

Главната цел на ЕРПГ средбата беше да се создаде простор за размена на информации, вмрежување, координација и развој на политики меѓу екуменските и ѓаконските партнери кои работат во Централна, Југоисточна и Источна Европа.

Пред започнување на ЕРПГ состанокот, на 13 мај беше одржана целодневна средба посветена на недозволената трговија со луѓе, чиј фацилитатор беше д-р Торстен Мориц од Црковната комисија за мигранти во Европа. Целта на оваа средба беше да отвори простор за заедничко учење, зајакнување на мрежата и дискусија за иницијативите против трговијата со луѓе и тековната работа што ја реализираат црковните партнери во Источна Европа.

На 14 мај 2008 година, започна средбата помеѓу членките на ЕРПГ. На средбата  присуствуваа претставници од специјализираните министерства и црковните национални ѓаконски партнери кои работат во регионот, како и претставници на организациите од Централна и од Источна Европа, од Балканот, од Кавказ и од новите независни држави.

Организаторите на настанот, Matti Peiponen од Светскиот совет на црквите и Сашо Клековски од МЦМС, го отворија состанокот и им посакаа добре дојде на учесниците. Веднаш потоа следеше обраќањето на Протоереј Драги Костадиновски од Македонската православна црква и пастор Михаил Цеков од Евангелско-методистичката црква, кои ја потенцираа важноста на меѓурелигиските средби и заложбата на локалните цркви за екуменската кауза.

Во рамките на средбата, особено внимание им беше посветено на бројните важни прашања за Европа и за ЕРПГ мрежата: лобирање и застапување, разрешување конфликти и ХИВ/СИДА – кои беа дискутирани за време на работилниците и пленарните сесии.

Како дел од програмата беше презентиран извештајот на Светскиот совет на црквите и проектите за регионални односи во Европа, а беше претставено и првото лоцирање на сите екуменски, финансиски и национални партнери и нивната работа во Источна Европа. Работата во оваа насока ќе продолжи и во иднина. Во овој контекст следеше и презентацијата на развојот на МЦМС во најголема невладина организација во Македонија, која им овозможи на учесниците да се запознаат со работата и предизвиците со кои се соочува МЦМС како клучен актер во развојот на заедницата и застапувањето во македонското општество и на балканскиот регион.

Еден ден од состанокот беше посветен на заеднички регионални консултации на АЦТ - Развој и АЦТ - Интернешнал со партнерите во Источна Европа. Главниот фокус на овој дел од состанокот беше ставен на предложеното унифицирање на двете АЦТ што се предвидува за 2009 година, како и на дискусиите за предложените регионални и национални форуми за новата АЦТ - Алијанса.

Користејќи го присуството на големиот број заеднички партнери од регионот во Охрид, новиот соработник за политики на АПРОДЕВ одржа кратка вечерна средба со работната група на АПРОДЕВ за Источна Европа, за Кавказ и за Централна Азија. По состанокот на ЕРПГ следуваше кратка средба за вмрежување за Источна Европа и на Кавказ. Исто така беа разменети информации за идните планови во врска со канцеларијата на Светскиот совет на црквите во Источна Европа (ЕЕО), со седиште во Бијалисток, Полска, основана во 1994 година.

По дискусиите, беше одлучено да се следи прашањето за улогата на црковните организации во граѓанското општество и нивните односи со другите НВО вклучени во социјалната, ѓаконската, застапувачката и развојната работа. Исто така, беше договорено да се продолжи со работа во полето на недозволената трговија со луѓе и ХИВ/СИДА. Беше одлучено како тема за следниот состанок на ЕРПГ да биде размената на искуства од меѓурелигискиот и меѓуверскиот дијалог. ЕРПГ побара од Светскиот совет на црквите да обезбеди информации за сите промени на екуменската сцена во однос на поделбата на работата меѓу Светскиот црковен совет и Конференцијата на европските цркви (КЕK), како и за развојот на настаните во однос на процесот за создавање на АЦТ - Алијансата.

Во текот на работата беше назначена Управувачка група, составена од четири члена, со задача да го следи спроведувањето на договореното. Беа усвоени и мали измени во описот на надлежности на ЕРПГ, кои понатаму ќе бидат елаборирани од страна на управувачката група. Оваа група ќе продолжи со дискусијата во врска со специфичниот мандат на ЕРПГ во меѓународната екуменска ѓаконија. Следниот состанок на ЕРПГ мрежата на ССЦ е планиран за есента 2009 г. во Ерменија кога ќе биде одржана и ерменската тркалезна маса.

Настанот беше соодветно организиран од технички аспект. Преку поддршка на настанот се придонесе за постигнување на следните резултати: достапност и размена на информации за работата на организациите од областа на ѓаконските активности.

Извршно резиме од проектот.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашата историја Организациска поддршка на конференцијата ЕРПГ