Трета размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Трета размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска PDF Печати Е-пошта
Четврток, 28 октомври 2010 15:36

Оваа недела (25 до 29 октомври 2010 година) се одвива третата по ред посета за размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска, дел од проектот МОСТ – граѓанско лидерство преку меѓународен дијалог. Посетата е фокусирана на искуствата од функционирањето на локалната самоуправа, особено во општините зафатени со конфликтот од 2001 година.

Трета размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска

Делегацијата од Северна Ирска ја сочинуваат 12 претставници на округот Омаг од Северна Ирска и на градот Слиго од Република Ирска. Меѓу нив има советници од општините, директори на дел од службите и граѓански активисти.

За Џо Леонард, претседавач на советот на Слиго програмата обезбедила балансиран поглед и искуство на добро раководена локална самоуправа во Македонија. „Го идентификувавме предизвикот на испорака на услугите во поделено општество. Испораката на тие услуги на демократски начин, открива поддршка на мнозинството и малцинството и исто така открива институционални, административни и финансиски разлики. Генералниот впечаток е дека непристрасноста е најважниот стандард и основно барање на граѓаните“, вели тој. Според него фрустрациите најчесто растат заради финансиски ограничувања и се артикулираат како етничка доминација. „Политичката корупција“, вели Леонард „се чини дека е проблем во донесувањето на одлуките и во процесот на финансиска алокација“, додава тој.

Делегацијата од Северна Ирска и од Република Ирска имаше средби во Министерството за локална самоуправа каде разговараа за основите на децентрализацијата, за сегашната ситуација, како и за предизвиците што претстојат. Во Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) поразговараа за улогата на оваа организација и за постигнувањата во децентрализацијата и предизвиците. Потоа, во општината Тетово имаа можност да ги слушнат искуствата од децентрализацијата и да го посетат Универзитетот на Југоисточна Европа – како пример за образование во мултикултурно општество. Во општина Теарце се запознаа функционирањето на локална самоуправа во рурално мултикултурно општество, како и со начинот на кој се организира образованието. Гостите разговараа со локалната заедница за политиките на користење на знамето и грбот на локалната самоуправа и воопшто за искуствата во пракса со употребата на симболите. Во Јегуновце, разговорите се водат со родители на ученици, директорот и наставниците во мултиетничкото училиште, за тоа што е интегрирано образование.

Трета размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска

Во текот на денот ќе се сретнат и со дел од раководството на општината. 

МОСТ е проект за учење и вмрежување и има цел да ги адресира прашањата на поделба преку создавање и развој на меѓународни врски, размена на добри практики и зајакнување на локалните медијатори со меѓународно искуство. Проектот има три столба. МЦМС е вклучен во првиот – транснационална размена на добри практики. МЦМС е дел од проектот што се спроведува во партнерство со Mediation Northern Ireland (МНИ), од Белфаст, а е поддржан од Европската Унија.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Трета размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска