Трета размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска |
E enjte, 28 tetor 2010 15:36 | |||
Оваа недела (25 до 29 октомври 2010 година) се одвива третата по ред посета за размена на искуства меѓу Македонија и Северна Ирска, дел од проектот МОСТ – граѓанско лидерство преку меѓународен дијалог. Посетата е фокусирана на искуствата од функционирањето на локалната самоуправа, особено во општините зафатени со конфликтот од 2001 година. Делегацијата од Северна Ирска ја сочинуваат 12 претставници на округот Омаг од Северна Ирска и на градот Слиго од Република Ирска. Меѓу нив има советници од општините, директори на дел од службите и граѓански активисти. За Џо Леонард, претседавач на советот на Слиго програмата обезбедила балансиран поглед и искуство на добро раководена локална самоуправа во Македонија. „Го идентификувавме предизвикот на испорака на услугите во поделено општество. Испораката на тие услуги на демократски начин, открива поддршка на мнозинството и малцинството и исто така открива институционални, административни и финансиски разлики. Генералниот впечаток е дека непристрасноста е најважниот стандард и основно барање на граѓаните“, вели тој. Според него фрустрациите најчесто растат заради финансиски ограничувања и се артикулираат како етничка доминација. „Политичката корупција“, вели Леонард „се чини дека е проблем во донесувањето на одлуките и во процесот на финансиска алокација“, додава тој. Делегацијата од Северна Ирска и од Република Ирска имаше средби во Министерството за локална самоуправа каде разговараа за основите на децентрализацијата, за сегашната ситуација, како и за предизвиците што претстојат. Во Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) поразговараа за улогата на оваа организација и за постигнувањата во децентрализацијата и предизвиците. Потоа, во општината Тетово имаа можност да ги слушнат искуствата од децентрализацијата и да го посетат Универзитетот на Југоисточна Европа – како пример за образование во мултикултурно општество. Во општина Теарце се запознаа функционирањето на локална самоуправа во рурално мултикултурно општество, како и со начинот на кој се организира образованието. Гостите разговараа со локалната заедница за политиките на користење на знамето и грбот на локалната самоуправа и воопшто за искуствата во пракса со употребата на симболите. Во Јегуновце, разговорите се водат со родители на ученици, директорот и наставниците во мултиетничкото училиште, за тоа што е интегрирано образование. Во текот на денот ќе се сретнат и со дел од раководството на општината. МОСТ е проект за учење и вмрежување и има цел да ги адресира прашањата на поделба преку создавање и развој на меѓународни врски, размена на добри практики и зајакнување на локалните медијатори со меѓународно искуство. Проектот има три столба. МЦМС е вклучен во првиот – транснационална размена на добри практики. МЦМС е дел од проектот што се спроведува во партнерство со Mediation Northern Ireland (МНИ), од Белфаст, а е поддржан од Европската Унија.
|