Рамка за креирање политики - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Рамка за креирање политики PDF Печати Е-пошта
Сабота, 28 август 2010 11:13

Дел од предизвиците со кои се соочува Република Македонија во процесите на нејзината транзиција и на зачленувањето во ЕУ и НАТО се однесуваат на доброто управување, поточно на намалување на корупцијата и организираниот криминал, на зголемување на одговорноста, отчетноста и транспарентноста на државата. Вклучувањето на граѓаните и граѓанските организации во креирањето на политиките бара двострана активност: и од владата, но и од граѓанските организации. Неопходно е Владата да ги преземе сите мерки кои што се предвидени во Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор кои што се однесуваат на вклучувањето на граѓаните во креирањето на политиките, меѓутоа исто толку е важно и граѓанските организации од своја страна да се оспособат за застапување и лобирање на нивните интереси кои што може да бидат преточени во официјални државни политики.

Општа цел на проектот е зголемена одговорност на институциите, граѓанските организации и граѓаните.

Цел на проектот е да придонесе кон поголема вклучување на граѓанските организации во креирањето на политиките на национално ниво.

Целна група се граѓанските организации и органите на државната управа. Директни корисници се организациите членки на ГПМ и Одделението за соработка со невладините организации. Целното подрачје е Република Македонија. Проектот ќе се реализира во Скопје.

Очекувани резултати од проектот се:

  1. Подготвен предлог на механизам за вклучување на граѓанските организации во креирање на политиките
  2. Подготвен прирачник за вклучување на граѓанските организации во креирање на политиките

За да се постигнат планираните резултати ќе бидат преземени следниве активности:

  • Меморандум за соработка меѓу Одделението за соработка со граѓанските организации и МЦМС
    Бидејќи Одделението за соработка со невладините организации е примарно одговорно за координирањето на активностите од Стратегијата, предлогот ќе биде Одделението да има примарна улога во спроведувањето на овој проект. Затоа, ќе се побара потпишување на меморандум за соработка со цел да се осигура посветеноста и на Одделението, односно Владата за ова прашање.
  • Подготовка на предлог рамка (механизам)
    Избран експерт од страна на МЦМС ќе подготви предлог кој ќе содржи современи и сеопфатни механизми за вклучување на граѓанските организации во консултативните процеси при креирање на политиките, но воедно и за нивно учество во работни тела и групи кои се со подолгорочен советодавен карактер (како економскиот и правниот совет во Владата).
  • Консултативен процес за подготовка на механизмот
    Предлогот на рамката за вклучување во креирање политики ќе биде следен од работна група на проектот, а исто така ќе бидат организирани 4 јавни расправи од кои две ќе бидат за организациите надвор од Скопје. Усогласениот документ преку Одделението за соработка со невладините организации ќе биде доставен до одговорните тела за понатамошно процесирање и усогласување во рамките на Владата.  
  • Подготовка на прирачник
    Локален експерт ќе биде ангажиран да подготви прирачник за креирање политики. Прирачникот ќе биде наменет пред се за граѓанските организации и треба да претставува корисна алатка за полесен пристап до одговорните институции и во процесите низ кои се донесуваат одлуките. Ќе бидат подготвени само електронски изданија на прирачникот на македонски и на албански јазик.

Вкупниот тираж ќе биде 400 копии.

Периодот на спроведување е 1 јули 2009– 30 јуни 2010 година.

Претпоставки кои влијаат и придонесуваат кон постигнување на проектните резултати се: Владата, преку Одделението покажува интерес за посветеност во спроведување на Стратегијата, а со тоа и за реализација на целта која се однесува на вклучување на граѓанските организации во креирање на политиките; предложениот механизам ги одразува барањата на граѓанските организации и е во согласност со постоечкиот правен систем на Република Македонија, односно е спроведлив; Граѓанските организации имаат потреба од зголемување на знаењето и вештините за вклучување во креирањето на политиките.

Активностите ќе бидат спроведувани во координација со Одделението за соработка со невладините организации. Настаните кои ќе бидат организирани во рамките на проектот ќе бидат соодветно и навремено промовирани до граѓанските организации и во јавноста.

МЦМС во консултации со Одделението е одговорен за донесувањето на одлуките и спроведување на проектот.

Како можен ризик може да се јави одолговлекувањето на потпишување на Меморандумот за соработка со Одделението поради внатрешни административни процедури во Генералниот секретаријат. Исто така, може периодот на спроведување на овој проект да се совпадне и со спроведување на веќе најавен проект за техничка поддршка на Одделението со ИПА 2007, а тоа да предизвика давање помал интерес за предвидените активности со овој проект.

Буџетот изнесува 466.900 денари.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Рамка за креирање политики