Буџетски процес и партиципативно буџетирање |
Понеделник, 27 септември 2010 14:30 | |||
На 22 и 23 септември, во Маврово, МЦМС ја организираше Обуката за буџетски процес и партиципативно буџетирање. Обуката им беше наменета на претставници на министерствата и на локалната самоуправа. Учесниците имаа можност да слушнат и разговараат за буџетот на Република Македонија, за тоа како се подготвува буџет и практично да поминат низ него. Потоа разговараа за историјатот, развојот и користа од партиципативното буџетирање и правеа апликација на теоријата на практичен пример. „Ова е наше прво присуство на обука што ја организира МЦМС и мислам дека има потреба повторно да бидеме повикани на обука од оваа проблематика“, вели Љупчо Наумоски од Министерство за надворешни работи. „Задоволен сум од обуката и мислам дека многу ќе ми користи тоа што го разговаравме овде “, додаде тој. И за Татјана Симовска од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство обуката била успешна, а предавањата одлични. „Предавачите ни го привлекоа вниманието и имаше масовно учество на присутните за време на предавањето“, рече таа. „За прв пат видов на едно место претставници на централната и на локалните власти што го сметам за добра идеја. Без разлика на разликите во возрасната структура, сите имаа одлична комуникација“. Што се однесува до можност за вклучување на граѓанските организации во подготовката на буџетот, за Симовска тоа е убава можност за вклучување на граѓаните во насочување на локалната и централната власт. Обуката ја спроведоа Никица Мојсоска-Блажевски и Мишо Николов од универзитетот Американ колеџ од Скопје. Обуката е дел од проектот Јакнење капацитети за анализа на финансиски податоци.
|