Анализа на состојбите на немнозинските заедници во мултиетничките општини - извршно резиме - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Анализа на состојбите на немнозинските заедници во мултиетничките општини - извршно резиме PDF Печати Е-пошта
Петок, 09 октомври 2009 14:15

Во 2001 година Република Македонија доживеа вооружен конфликт кој беше класифициран како меѓу етнички. Причините за конфликтот беа согледани во барањата за поголеми економски и политички права на Албанците. Со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001 година од претставниците на клучните македонски и албански политички партии, беше ставен крај на конфликтот, а кусо подоцна започна реализацијата на договорот од кој произлегоа низа измени во законските амандмани. Охридскиот рамковен договор беше основа за измени во Уставот, легислативата, децентрализацијата на моќта, правичната застапеност во државната администрација и елиминацијата на дискриминацијата, обезбедувањето на образование на мајчин јазик, употребата на јазиците, изразувањето на идентитетот итн.

Преку прифаќањето на новите Уставни амандмани, беа воведени и инструментите за заштита на малцинските права (услов за споделување на моќта или консензуалната демократија). Овие инструменти се: правична застапеност на малцинствата во државните институции (администрацијата, армијата и полицијата), како и малцинското право или правото на вето за одредени закони кои се однесуваат на јазикот, идентитетот и културата. По седумгодишната имплементација на Охридскиот рамковен договор може да се каже дека се направени значајни резултати во однос на донесувањето и примената на законските рамки и во однос на правичната застапеност во државната администрација, меѓутоа според Извештајот на Народниот правобранител за 2005 година заостанува имплементацијата во однос на правичната застапеност на немнозинските заедници (Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи итн.) во државната администрација. Дополнителен недостаток е нивната мала преговарачка моќ во Собранието, како и слабата претставеност на општинско ниво.

Во 2006 година МЦМС во соработка со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) и Центарот за мир и демократија Иан Колинс ја спроведоа програмата Споделување на моќта во општините. Во рамките на оваа програма беше спроведен мониторинг на процесите на одлучувањето и употребата на правото на вето во 4 мултиетнички општини. Еден од заклучоците од извештајот од мониторингот беше дека немнозинските заедници се слабо претставени во општинските совети и како такви немаат влијание во однос на донесувањето на одлуките кои се од суштинско значење за сите граѓани во општината.  Преговарачката моќ на немнозинските заедници како на локално, така и на национално ниво е многу мала, така да може да се каже дека интеграцијата на немнозинските заедници заостанува во однос на најбројната немнозинска заедница. Од овие причини во рамките на програмата Македонија – модел за дијалог помеѓу културите (МДК) ќе се направат обиди за согледување на состојбата на немнозинските заедници, како на локално, така и на национално ниво и ќе бидат дадени препораки и за подобрување на нивната состојба.

Целта на програмата Македонија – модел за дијалог помеѓу културите е да го зајакне дијалогот помеѓу различни етнички и верски групи. Специфична цел на програмата е да ја зголеми вклученоста на немнозинските заедници во процесите на донесувањето на одлуките во мултиетничките општини. Целна група е популацијата и лидерството во мултиетничките општини (немнозинските заедници воопшто, кои сочинуваат околу 10% од популацијата во Македонија). Директна целна група се членовите на Советите во општините и Комисиите за односи со заедниците (околу 300 луѓе).

Со проектот ќе биде мониториран процесот на донесувањето на одлуките и вклученоста и степенот на интеграцијата на немнозинските заедници во неколку селектирани мултиетнички општини. Преку проектот ќе биде направена селекција на тимот кој ќе ги мониторира седниците на општинските совети. Тимот ќе биде обучен за мониторинг на седниците и ќе поднесува месечни извештаи за состојбите во општината. На крајот од мониторингот експертски тим ќе подготви извештај за состојбите во општините, при што ќе го идентификува прогресот во однос на претходниот извештај, но и ќе даде насоки за состојбите каде треба да биде направено подобрување.

Покрај оваа активност во рамките на проектот ќе биде направена компаративна студија за степенот на имплементација на Охридскиот рамковен договор и интеграцијата на немнозинските заедници на национално ниво. Преку оваа активност ќе биде направена анализа на прифатената легислатива, интервјуа со владини претставници, политички партии, граѓански организации и граѓаните. Анализата ќе содржи препораки кои ќе бидат претставени пред релевантните субјекти.

Заклучоците од мониторингот, интегралниот извештај, како и препораките од компаративната анализа за спроведувањето на ОРД и интеграцијата на немнозинските заедници во овој процес ќе бидат предмет на дискусија на Парламентарната лоби група, која ќе се состане на два до три состанока и ќе дискутира во однос на заклучоците и дадените препораки и ќе лобира пред Собранието за подобрување на состојбата на немнозинските заедници.

Активност која ќе биде спроведувана во текот на целиот временски период на проектот се обуките за заштита на човековите права, со особен фокус на малцинските права. Ќе бидат спроведени три обуки. Овие обуки се наменети за членовите на советите во општините, членовите на Комисиите за односи помеѓу заедниците, како и за локалните граѓански организации кои се занимаваат со малцинските права. Обуките имаат за цел да ја подигнат свеста за потребите на малцинските права, неопходноста за нивно почитување како еден од условите за воспоставување на добри односи помеѓу различните етнички групи. Преку подготвените извештаи за состојбата на малите малцинства и обуките за малцински права, проектот ќе резултира со градење на свеста за потребата од подобрување на состојбата на немнозинските заедници, како на локално, така и на национално ниво и ќе обезбеди добра основа за лобирање и подобрување на нивната положба.

Со овој проект ќе биде остварена директна соработка со Секретаријатот за имплементација на Охридскиот рамковен договор; општинската администрација, советите и Комитетите за односи помеѓу заедниците во селектираните општини; локалните граѓански организации; Парламентарната лоби група и општата јавност, а фокусот ќе биде насочен и кон Парламентот и меѓународните организации.

Претпоставки кои влијаат и придонесуваат кон проектните резултати се: интересот и желбата за учество на членовите на општинските совети и членовите на Комисиите за односи со заедниците, формирани Комисии за односи со заедниците во општините кои се законски обврзани да ги формираат, желба и интерес за соработка на парламентарната лоби група, Секретаријатот за имплементација на Охридскиот рамковен договор.

Проектот ќе биде спроведен од МЦМС. Во текот на спроведувањето вклучените во процесот на мониторинг ќе поднесуваат месечни извештаи до МЦМС кои ќе бидат понатаму анализирани и дискутирани. МЦМС ќе направи една до две теренски посети со цел да го согледа процесот на мониторинг. Успешноста на обуките и нивниот ефектот врз учесниците ќе биде следен преку прашалници за успешност на обуките, а ќе бидат подготвувани и извештаи од обуките. За седниците на Парламентарната лоби група ќе бидат подготвувани листи на учесници и записник од средбите. Во текот на проектот ќе биде подготвен еден интегрален извештај за состојбите на немнозинските заедници и процесите на одлучување во мултиетничките општини и една анализа на процесот на спроведување на ОРД.

Како актуелен ризик во однос на проектот може да се наведат новите локални избори кои можат да влијаат врз временскиот период во однос на спроведувањето на проектот. Временски период на спроведување е 1 март – 30 октомври 2009 година. Буџетот на проектот е  1,779,000 МКД, од кои МЦМС учествува со 1,550,000 МКД .

Завршен извештај од проектот.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Анализа на состојбите на немнозинските заедници во мултиетничките општини - извршно резиме