Низок јавен дух и големи очекувања од државата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Низок јавен дух и големи очекувања од државата PDF Печати Е-пошта
Вторник, 29 јануари 2008 01:00

[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка денес, (29 јануари 2008 година) го промовираше извештајот од истражувањето „Општествена одговорност на граѓаните“. Ова истражување, МЦМС го спроведува по втор пат. Извештајот е резултат на потребата да се провери каква е општествената одговорност на граѓаните.

Освен општествената одговорност, извештајот го анализира јавниот дух, учеството во непартиските политички активности, волонтерската активност во заедницата, учеството и активноста на граѓаните во организациите на граѓанското општество и добротворните прилози. Анкетирањето е направено во декември 2007 година на репрезентативен примерок од 1.601 испитаник.

Мнозинството граѓани (52,9%) сметаат дека државата е најодговорна за решавањето на општествените потреби. Вербата во солидарноста на граѓаните е зголемена на 39,3% од 26,4% во претходната година. Постои висока согласност (92,1 %) дека новиот развој, вработувањето и оспособувањето на граѓаните се решение за проблемите.
Постојат големи јазови меѓу изјавите за граѓанска одговорност и конкретните одговорности. Додека 88,7% од граѓаните сметаат дека постои одговорност за почитување на законите, кај јавниот дух тоа се намалува на 74,2%, а се движи меѓу 57,8% и 80,8% за одговорноста за конкретни законски обврски (данок, плаќање сметки итн.). Јазот со реалноста е веројатно уште поголем.

Македонија, и покрај малото подобрување (даноци), има низок кон умерен степен на јавен дух, изразен низ оправдувањето на неплаќање данок, јавен превоз, комунални услуги и барање повластици од Владата на кои граѓаните немаат право.
Непартиските политички активности на граѓаните се малобројни и уште се намалуваат.

Преполовени се и волонтерските активности во заедниците и подготвеноста на луѓето да направат нешто повеќе за други лица. Само во овие активности е забележана родова разлика, со поголема вклученост на мажите. Активностите во заедницата – како „машка работа“, се можен родов стереотип.

Постои  умерено намалување на вклученоста во граѓанските организации, но има голем неангажиран потенцијал на граѓанските организации. Има голем јаз помеѓу пасивниот и активниот капацитет на граѓански организации. Имено, само на случаите на познато членство (вклучително и задолжителни членарини) има десеткратна разлика помеѓу регистрираното членство и оние кои се изјасниле како вклучени во нивните активности. Најзначајна е промената во мотивацијата за учество, од основните (нови кон¬¬такти, личен развој) кон повисоките придобивки (помош на заедницата, мисија на организациите).

Опаднал бројот на луѓето што добротворно даруваат од 75,5 % минатата, на 64,6 % оваа година. Солидарноста и сожалувањето се главните мотиви што ги водат граѓаните во дарувањето добротворни прилози. Како најголема причина за недарувањето се наведува тоа што немаат ни за себе (10%). Прв приоритет за дарување оваа година се верските заедници. Најчесто се даруваат пари. Вообичаената сума е од 50 до 500 денари. Граѓаните најмногу сакаат да даруваат директно и на рака и преку СМС. Информациите за добротворните акции најефикасно се шират преку електронските медиуми. Има поделена перцепција за наменската употреба на средствата. Вкупно 53,2 %од испитаниците сметаа дека собраните прилози се употребуваат наменски. Потребата од информација за користењето на помошта е втор приоритет за граѓаните (27,7 %).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Низок јавен дух и големи очекувања од државата