Граѓаните на Аеродром направија концепти за решавање на проблемите во училиштата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните на Аеродром направија концепти за решавање на проблемите во училиштата PDF Печати Е-пошта
Сабота, 30 јануари 2010 13:25

Во петокот, 29 јануари 2010 година, во основното училиште „Ѓорѓија Пулески”, се одржа четвртата форумска сесија во рамките на програмата „Форуми во заедницата” во oпштина Аеродром, на која присуствуваа околу 130 граѓани. Согласно темата на форумот, која гласи „подобрување на условите за образование и работа во училиштата и во градинките”, петте работните групи составени од граѓани ги претставија своите концепти за решавање различни проблеми во образовно-воспитните установи. Од нив подоцна ќе се развиваат предлог-проекти и на крајот, на седмата сесија, ќе се избере еден чија реализација ќе се финансира со буџетот на оваа програма. Тој изнесува шест милиони денари, од кои четири милиони обезбедува Швајцарската агенција за соработка и развој, а два милиони oпштина Аеродром.

Граѓаните на Аеродром направија концепти за решавање на проблемите во училиштата

Првата работна група се залага за замена на прозорците во три установи, за да се обезбедат подобри услови за работа и да се подобри енергетската ефикасност, односно да се штеди топлинска енергија. Тие предвиделе дека за ова ќе биде потребен целиот буџет на програмата, но и други донации.

Втората група предлага да се поправат подовите, исто така во четири објекти, откако претходно ќе се провери каде има оштетувања и колкави се тие.

Третата група го претстави проблемот со недостиг на опрема за изведување на наставата и нејзините членови сметаат дека таа треба да се набави за да се зголеми интересот кај децата, пред се за природните и за техничките науки. Во опремата влегуваат материјали за експерименти, алат за општо техничко образование, макети и слично. Според групата, за сево ова не би биле потребни повеќе од 45 илјади евра.

Дворот е лицето на заедницата според четвртата работна група граѓани, кои сметаат дека е најважно да се подобри изгледот на дворовите во училиштата и во градинките преку хортикултурно уредување и обнова на опремата, правење патеки, реновирање огради, па и поставување рекреативни елементи, како лулашки, лавиринти и вештачки карпи.

И последната група ги претстави потребните зафати за да се подобрат условите за спортување и за рекреација, пред се во подрачното училиште „Гоце Делчев” во Долно Лисиче, каде што во дворот нема игралиште, а наставата по физичко воспитување се одвива во училница. Со нивниот концепт треба да се поправат и игралиштата во уште две училишта. Овој предлог беше најскромен, изготвувачите сметаат дека може да се спроведе со само 40 илјади евра.

Граѓаните на Аеродром направија концепти за решавање на проблемите во училиштата

Александар Кузмановски прв пат учествуваше на форумска сесија. „Процесот ми се допадна“, рече тој, „добро е кога ни е овозможено на сите да си ги кажеме своите проблеми, но и да увидиме што ги мачи другите. Од ова што го видов, можам да оценам дека ќе има тешка борба меѓу различните групи за тоа кој проект да биде прифатен на крајот. Навистина, сите се потребни, а дури и кога сево ова би се спровело, тоа само ќе ги ублажи тешкотиите во образовно-воспитните процеси. Но ако не можеме да добиеме повеќе, не треба да го вртиме грбот ниту на тоа што ни се нуди, нели? Па за другите проекти можеби ќе се најдат финансии од други извори.

И Драган Соколов смета дека форускиот процес како идеја е одличен, затоа што им овозможува на граѓаните да решаваат некои проблеми што одамна ги мачат. „За некои од нас тој би требало да донесе позитивни промени, но сепак мораме да признаеме дека средствата се многу мали. Проблемите во општината се многу големи, вклучувајќи ги тие во училиштата и во градинките, па со ова би можеле само делумно да ги решиме. Затоа не би требало ова да се одржи само еднаш, би било добро процесот да се повторува“, вели Соколов.

Се очекува дискусиите на граѓаните да завршат до крајот на март 2010 година.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓаните на Аеродром направија концепти за решавање на проблемите во училиштата