Заедно за поактивно граѓанско општество во Демир Капија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Заедно за поактивно граѓанско општество во Демир Капија PDF Печати Е-пошта
Четврток, 04 септември 2025 00:00

На 26 август, се одржа посета на Мобилниот ресурсен центар во просториите на општина Демир Капија. На средбата локалните организации и активисти се информираа за актуелностите поврзани со развојот на граѓанското општество, можностите за финансирање и јакнење на организациите, како и за услугите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар. Посетите на Мобилниот ресурсен центар имаат за цел Граѓанскиот ресурсен центар да се доближи до локалните организации во различните општини и региони и да поразговара за потребите и предизвиците со кои се соочуваат организациите во своето работење.  

4 scaled e1756977936759 980x551

Присутните ги споделија предивизиците со кои се соочуваат во текот на своето дејствување, кои освен на ограниченото финансирање од страна на општината, главно заради ограничените финасиските можности со кои располага општината, се однесуваа и на административните процедури. “Во нашата општина немаме подрачна едниница на Централниот регистар, што многу ни ги отежнува редовните административни обврски кои мораме да ги спроведуваме како здружение, особено кога имаме потреба од дополнителни консултации за тоа како да спроведеме одредени постапки, како на пример регистрирање на ново раководство во случај кога најголем дел од актуелното раководство е иселено надвор од државата. За секоја поединечна консултација е потребно да одиме до канцелариите на Централниот регистар во Гевгелија, Велес или Скопје“, рече Пецко Димитриев од Спотскиот клуб “Клисура“ од Демир Капија и додаде дека оваа посета на Мобилниот ресурсен центар му помогнал да слушне нови идеи за поддршка на работењето на неговото здружение: “Како млад човек и претставник на спортски клуб од Демир Капија, многу ми значеше што бев дел од оваа средба. Добро е што постојат вакви иницијативи кои ни даваат можност да слушнеме нови идеи и поддршка, особено за спортот и за активности поврзани со заштита на животната средина за кои нашиот клуб се залага. Верувам дека преку вакви средби можеме повеќе да направиме за младите и за развојот на нашата заедница“ рече тој.

Во дискусијата преовладуваше и предизвикот со вклучување на младите како и потребата од нивна мотивација и поголема информираност.

Дел од присутните го изразија своето задоволство од досегашната поддршка што ја добиваат од општината, истакнувајќи притоа дека очекуваат дека таа соработка и понатаму ќе се проширува и продлабочува. “Општината одвои ресурси за отварање на пензионерски клуб и постапката за негово финализирање е во тек, но потребно е негово реновирање“, рече Зоран Сакламаев, претставник од Здружението на пензионери на Демир Капија. “За ова и за другите активности, не само на нашата, туки и на сите граѓански организации, воопшто, сметаме дека општината треба да игра значајна улога“, истакна тој.

5 scaled

Стефанија Соколовиќ, Советник за ЛЕР и изработка на проекти во општина Демир Капија истакна дека финансирањето на граѓанските организации е отворено за сите подеднакво и за тоа постојат посебни формулари со кои организациите можат да поднесат барање за финансирање во рамки на расположливиот општински буџет. “Минатата година имаше посебен јавен повик за финансирање на граѓанските организации, објавен на општинската веб страница, но оваа година веб страницата се преструктурира и барање за финансирање до општинската администрација може да се поднесе во било кој период од годината“, рече таа.   Во својата дискусија Стефанија Соколовиќ го истакна и своето задоволство од посетата на Мобилниот ресурсен центар во оваа општина: “Со моето долгогодишно искуство во општината, сметам дека оваа средба покажа колку е важна соработката помеѓу општината, невладиниот сектор и Граѓанскиот ресурсен центар. Заедничките напори, размената на искуства и пристапот до информации и поддршка се од клучно значење за креирање успешни проекти и иницијативи што ќе придонесат за развој на нашата заедница. Верувам дека преку вакви партнерства можеме да обезбедиме поголеми можности за младите, за организациите и за граѓаните во целинарече таа.

Задоволството од поддршката што ја нуди Граѓанскиот ресурсен центар го сподели и  Менче Николова, Програмска раководителка во ОЖ „Женско Лоби“-Демир Капија: “Поддршката која Граѓанскиот ресурсен центар им ја нуди на граѓанските организации е од исклучителна важност за локалните организации бидејќи овозможува информирање, надградување на знаењата и вештините на организацискиот тим и практична поддршка на целокупното административно работење што допринесува за организациски развој и заштеда на административното време“, рече таа и додаде дека за нивната организација од најголема корист во момоентов би била менторската поддршка на теми од областа на дигиталната трансформација.

Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Заедно за поактивно граѓанско општество во Демир Капија