Доверба во граѓанското општество – ставови на граѓаните |
![]() |
![]() |
![]() |
Петок, 28 март 2025 15:23 | |
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) спроведе редовно истражување за довербата во граѓанското општество. Во 2024 година, индексот на доверба во граѓанскиот сектор достигна 42,9%, што претставува пад од 8,2 процентни поени во однос на 2021 година. Довербата во граѓанските организации изнесува 38,4%, при што се забележува значителна разлика помеѓу различни групи. Највисока доверба се забележува кај младите луѓе на возраст од 18 до 29 години (51,8%) и кај етничките Албанци (45,6%), додека најниска доверба имаат лицата над 65 години (18,6%) и жителите на Скопскиот регион (25,2%). Највисокото ниво на доверба во општеството го уживаат црквите и верските заедници (70,8%), додека довербата во други чинители на граѓанското општество варира, од 41,7% во неформалните групи до 30,0% во организациите на работодавачи. Истражувањето покажува дека испитаниците имаат поделени ставови во однос на улогата на граѓанските организации. Секој четврти испитаник (25,1%) ги гледа организациите како чинители што работат за јавен интерес, додека 60,4% сметаат дека тие дејствуваат за остварување на лични интереси на поединци. Дополнително, 58,3% од испитаниците веруваат дека граѓанските организации се организирани и финансирани од странски држави и нивни фондации со цел да им служат на странските интереси, додека 24,2% мислат дека се формирани за остварување на заедничко општо добро. Перцепцијата за односот помеѓу политичките партии и граѓанските организации е претежно критичка. 49,5% од испитаниците сметаат дека партиите ги присвојуваат ставовите на организациите кога им одговара, додека 33,4% веруваат дека партиите основаат организации што ги користат како свои гласноговорници. Во однос на нивниот придонес во општеството, најголем процент од граѓаните сметаат дека граѓанските организации имаат улога во креирањето на јавните политики (45,1%) и општественото влијание (44,8%). Меѓутоа, мнозинството не ја препознава активната улога на граѓанските организации во информирањето, едукацијата, обезбедувањето услуги, или задоволување на итни општествени потреби. Довербата во граѓанските организации варира и по тематски области. Највисока доверба имаат оние што се активни во областа на жените и родовата еднаквост (46,5%), социјалната грижа (44,1%) и образованието (43,0%), додека најниска доверба е забележана кај организациите што работат на демократијата и владеењето на правото (27,2%) и меѓуетничките односи (29,3%). Во споредба со 2021 година, довербата во сите области е намалена, при што најголем пад се бележи во областа на демократијата и владеењето на правото, каде што довербата опаднала од 48,1% на 27,2%. Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Собраните податоци се обработени со честота и пропорција на одговорите. Податоците се со ниво на доверба од 95% и со грешка од +/- 3%. Анкетата е направена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект.
|