Обединети за поголемо вклучување на жените во спортот - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Обединети за поголемо вклучување на жените во спортот PDF Печати Е-пошта
Четврток, 26 декември 2024 13:16

Македонскиот центар за меѓународна соработка организираше три работилници посветени на родовата еднаквост во спортот. Настаните беа фокусирани на подигање на свесноста за родовата дискриминација и создавање стратегии за поддршка на еднакви можности за жените и мажите во спортските активности на националните спортски федерации и спортските клубови во Северна Македонија. Вкупно 44 учесници (26 жени и 18 мажи) од Скопје и Куманово дискутираа за потребата од промени во спортските политики за поголемо вклучување на жените во спортот.

RES 1

Претставниците на федерациите и спортските клубови (раководни лица и спортисти) добија знаење за успешно да ја детектираат и превенираат дискриминацијата и достапните правни средства за заштита од неа со посебен осврт на дискриминацијата во спортот. Имено, со работилницата е создадено сеопфатно разбирање за дискриминацијата во сите нејзини форми, што треба да зголеми инклузивноста и застапеност на жените во спортот. Спортот е област каде родовите стереотипи се длабоко вкоренети. Жените и девојките редовно се соочуваат со бариери како што се ограничен пристап до спортска инфраструктура, недостаток на позитивни примери и нееднаква распределба на материјалните и нематеријалните ресурси. Дополнително, женските спортски активности често се помалку медиумски застапени, што води до минимизирање на нивните постигнувања и обесхрабрување тие да се вклучат и/или продолжат со спортската кариера.

RES 2

На овие три работилници учесниците ги истражија основните прашања за човековите права на спортистите и актуелната состојба во спортот. Преку интерактивни сесии, тие се запознаа со родовите улоги, стереотипите и дискриминаторските практики, а работеа и на креирање акциски планови за унапредување на родовата еднаквост во своето непосредно опкружување. Како резултат од ова, сите учесници успешно мапираа и предложија повеќе мерки за подобрување на состојбата, како што се: воведување квоти за родова застапеност во телата за управување на спортските федерации, кампањи за поттикнување на интересот кај девојчињата и жените за активно учество во спортот, обезбедување еднаков пристап и услови до спортските ресурси и лиги за сите. Како дел од препораките, беше истакната потребата за примена на родово-трансформативениот пристап. Ова подразбира создавање услови во кои правата и можностите не зависат од полот и родот, а спортот се користи како средство за промоција на општествената еднаквост меѓу мажите и жените.

RES 3

Учесниците ги споделија своите размислувања за тоа како ќе го применат стекнатото знаење. Еве некои од нив: „Кога ќе правам презентација, односно упис на нови членови ќе информирам дека секое запишано девојче во клубот ќе ја добие прва членарина бесплатно, а ќе добие и клупска маица“; „Како член на Управниот одбор и потпреседател на училишниот спорт ќе давам предлози за носење одлуки за еднаков пристап и можности до сите ресурси и натпревари за девојчињата и момчињата“; „Ќе работам на поголемо насочување на спортистките во жени тренери и лично ќе бидам пример за опкружувањето околу мене и мојата организација, барем да не паѓаме под нивото на родова сензитивност“.

RES4

Родовата еднаквост во спортот е основно човеково право и обврска за сите нас и затоа заедничкиот ангажман на институциите, спортските организации и целото општеството е клучен за надминување на долгогодишните предрасуди и дискриминација со која се соочуваат спортистките. Наша цел е спортот да стане симбол на еднаквост и инклузивност, градејќи основа за поправедно општество.

Проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“ го спроведуваат Олимпискиот комитет на С. Македонија со партнерите: Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Спорт Соушл Солушнс и Македонски параолимписки комитет. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.

 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Обединети за поголемо вклучување на жените во спортот