Граѓанските организации остро ја осудуваат пресудата против ИРЛ за клевета и бараат да се утврди одговорност за донесувањето на истата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации остро ја осудуваат пресудата против ИРЛ за клевета и бараат да се утврди одговорност за донесувањето на истата PDF Печати Е-пошта
Петок, 17 ноември 2023 14:12

Граѓанските организации, потписнички на ова барање остро реагираат на пресудата во предметот против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за клевета со која се загрозува слободата на здружување и слободата на изразување. Со ова се повредуваат некои од основните човекови права загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија.

osuda

Загрижени сме за тоа како правосудните органи со оваа скандалозна пресуда формулираат тенденциозно толкување на Уставот и на Законот за здруженија и фондации со што ги доведоа во прашање секојдневните активности на повеќе од 15.000 регистрирани здруженија и фондации при исполнување на нивните цели. Укажуваме дека толкувањето во пресудата е целосно во спротивност со веќе утврдените насоки на ОБСЕ/ОИДХР и Венецијанската Комисија за имплементација и практикување на правото на слобода на здружување. 

Тоа што особено загрижува е непостапување по членот 20 од Уставот со кој децидно им се гарантира слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Дополнително, согласно член 110, Уставниот суд е тој кој што одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните. 

Очигледно е дека Судот во образложението на пресудата си дозволил да го толкува Законот за здруженија и фондации (ЗЗФ) спротивно на неговите цели со што ја доведува во прашање слободата на вршење на активностите на здруженија и фондациите. Укажуваме дека во пресудата се земени делови од одредби кои се погрешно толкувани, а не се земени предвид членовите кои се однесуваат на слободата на делување. Членот 14 од ЗЗФ кажува дека организациите можат слободно да ги искажуваат и промовираат своите ставови и мислења за прашања од нивен интерес, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во градење на јавно мислење и креирањето на политиките. Останува нејасно како Судот не ја земал предвид оваа одредба и дали за него терминот „учествуваат во градење на јавно мислење и креирање на политики“ е возможно без јавно изнесување на информации за спроведените активности на организациите во рамки на своите цели. 

Со поставеноста на пресудата се доведува во прашање идното јавно изнесување наводи од спроведени анализи, анкети, истражувања и слично на било кое здружение или фондација. Се поставува прашање дали спортските клубови кои се регистрирани согласно овој закон ќе можат да изиграат јавно еден спортски натпревар или пак културно уметничките друштва ќе можат да одржат јавно концерт. 

Сакаме да укажеме дека повикувањето на терминот на организации од јавен интерес во пресудата е целосно злоупотребен и очигледно е дека не ни биле прочитани одредбите од Законот за овој тип на здруженија туку само се искористил називот за да се оправда пресудата. Имено, во Македонија има регистрирано само 5 организации од јавен интерес и тие немаат поинакви права од другите здруженија во делот на учество во градење на јавно мислење и креирање на политики. Организациите од јавен интерес имаат повластувања исклучиво за даночни олеснувања и евентуално државно финансирање што секако е целосно спротивно од толкувањето во пресудата. Со ова, Судот си дозволил целосно спротивно да го чита Законот со што креира негативна правна пракса. 

Евидентно е и дека Судот имал многу мало познавање на Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП) и поставеноста на правото на приватност наспроти правото на слобода на изразување. Препораките од ЕСЧП се дека судот мора да го балансира членот 8, односно правото на приватност, со слободата на изразување, членот 10, а не обратно. Oграничувањето на слободата на говор мора да биде неопходно во едно демократско општество, односно да биде применето како последна можна мерка, при што мора да се има предвид со каква тежина ограничувањето го погодува санкционираното лице, со цел да се избегне каква било цензура и обесхрабрување на новинарите и граѓаните да се впуштаат во критика на државната власт.  

Оневозможувањето на критична мисла за одредени општествени појави директно се коси со принципите на демократија и добро владеење. Поткопувањето на овие постулати само креираат затворени и заробени институции кои не преземаат одговорност за своите негативни активности. Токму здруженијата и фондациите со својата работа овозможуваат граѓаните да бидат запознаени со овие предизвици со кои се соочуваме и заеднички да делуваме кон подобрување на општеството. 

Тенденциозноста на пресудата да се замолчат здруженијата и фондациите, кои може да бидат формирани во било која област, да работат на унапредување на системите во општеството е повеќе од очигледна и токму затоа бараме да се преиспита работата на конкретната судијка и да се утврди одговорност за нејзината работа. 

Здруженијата и фондациите во Македонија остануваат да бидат едни од основните партнери на институциите во креирање на систем во кој демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат носечки принципи за иднината на ова општество.

За да се приклучите на иницијативата испратете порака на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

Граѓански организации и мрежи на граѓански организации:

  • Асоцијација за демократска иницијатива (АДИ)
  • Граѓански ресурсен центар (ГРЦ)
  • Евротинк – Центар за европски стратегии
  • Здружение за истражување, анализи и развој ЗЕЛЕНА ЛУПА
  • Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје
  • Здружение Рубикон
  • Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје
  • Институт за европска политика
  • Институт РЕСИС
  • Коалиција Сите за правично судење
  • Конект
  • Македонски центар за меѓународна соработка
  • Македонско здружение за заштита при работа
  • Македонско здружение на млади правници
  • Медиа плус
  • Метаморфозис фондација за интернет и општество
  • Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата
  • Ромска асоцијација за жени и млади „ЛУЛУДИ“
  • Форум-Центар за стратешки истражувања и документација
  • Сојуз-Национален совет за родова рамноправност дава поддршка на иницијативата за реакција
  • Хелсиншки комитет за човекови права
  • ХОПС
  • ХРАНА ЗА СИТЕ - БАНКА ЗА ХРАНА МАКЕДОНИЈА
  • Центар за граѓански комуникации
  • Центар за истражување и креирање политики
  • Центар за правни истражувања и анализи
 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанските организации остро ја осудуваат пресудата против ИРЛ за клевета и бараат да се утврди одговорност за донесувањето на истата