Охрабрени сексуални работници против дискриминација - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Охрабрени сексуални работници против дискриминација PDF Печати Е-пошта
Вторник, 22 август 2023 12:26

Сексуалните работници во Република Северна Македонија сѐ уште се една од најранливите и најмаргинализираните категории граѓани во општеството и изложени се на институционална дискриминација и јавна осуда. Институционалната дискриминација креира негативни ставови заради што сексуалните работници воопшто не веруваат дека институциите се ефикасни во заштита на нивните права и дека законите се спроведуваат праведно. Повеќето се убедени дека правниот систем не функционира еднакво за сите граѓани и ова е една од причините за слабата мотивација кај нив за поведување постапки и истрајност во барањето заштита и докажувањето на дискриминацијата. 

СТАР 2

Друга причина за слабиот одговор на оваа заедница за документирање и водење постапки за дискриминација е егзистенцијалниот ризик односно, приоритетот да преживеат наместо да водат битки со институциите. Немотивираноста може да се бара и во ограничените надлежности и препораките кои ги дава Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а кои не вклучуваат материјален надомест. Оддалечувањето од институционалните системи за заштита е резултат и на институционалните лавиринти, долгото време за процесирање на случаите и потенцијалните ризици за откривање на нивната професија пред семејствата и пријателите. 

„Нема никаква приватност, ако отидам да пријавам, може ќе ме дознаат која сум во јавност, па дури и семејството“, вели една трансродова сексуална работничка. 

За да одговори на оваа состојба, здружението СТАР–СТАР од Скопје, го иницираше проектот „Охрабрени сексуални работници против дискриминација“. Од февруари до јули 2023 година, тие реализираа активности со кои целеа на зајакнување и унапредување на принципите на недискриминација и еднаквост на човековите права на сексуалните работници. Во интервенциите беа вклучени и сексуалните работници како активни чинители и носители на права. Во март, се реализираа две еднодневни обуки за управните и раководните структури на Здружението СТАР-СТАР Скопје и лидерите во заедницата за зајакнување на организациските капацитети и за зајакнување на довербата на сексуалните работници во препознавање и користење на механизмите за заштита од дискриминација. На двете обуки присуствуваше и член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за да ја објасни нејзината улога и надлежностите во унапредувањето на правата на сексуалните работници, како и постапките во заштитата од дискриминација.

СТАР 1

Здружението спроведе акција во заедницата и реализираше неколку теренски посети преку кои беа дистрибуирани промотивни картички со информации за документирање и поведување на случаи на дискриминација. Членовите на СТАР-СТАР ги охрабруваа сексуалните работници активно да се вклучат во борбата против дискриминацијата. За жал, интересот е слаб и за документирање и за поведување случаи на дискриминација пред КСЗД и други надлежни институции. Теренските посети укажуваат на случаи на насилство, малтретирање и дискриминација врз сексуалните работници од страна на нивните партнери, семејства, клиенти и слично, сепак недовербата во институциите, институционалната дискриминација и стравот од двојна виктимизација, ги спречува да бараат заштита на своите права по институционален пат. 

Кога и да побарав помош во институциите ме одбегнуваа затоа што знаат со што се бавам, нема професионалност, дискриминираат и исмеваат и затоа не одам“, вели една од сексуалните работнички. 

Сето ова ја потенцираше потребата да се работи на зајакнување на довербата на оваа заедница во институциите, како и на сензибилизација на пошироката јавност за прашања поврзани со сексуалната работа, што ќе ја ублажи дискриминирачката околина на долг рок и ќе придонесе кон суштински општествени промени важни за сексуалните работници. Исто толку важно е да се работи и со институциите и нивниот пристап кон маргинализираните заедници и начините на документирање на случаи, сѐ со цел да им се овозможи поголема дискретност на сексуалните работници во процесот на документирање и поведување на случаи на дискриминација. 

Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), со финансиска поддршка од Европската Унија.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Охрабрени сексуални работници против дискриминација