Искуствата на колегите од регионот се драгоцени во работата поврзана со СНЕ и РРР - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Искуствата на колегите од регионот се драгоцени во работата поврзана со СНЕ и РРР PDF Печати Е-пошта
Петок, 03 март 2023 15:42

Претставници на институциите и на граѓанските организации од Северна Македонија, Косово и Албанија зборуваа за поставеноста и структурата на телата за спречување насилен екстремизам (СНЕ) и рехабилитацијата, ресоцијализацијата и реинтеграцијата (РРР) кои функционираат на локално ниво во трите земји како и за предизвиците, добрите пракси и постигнатите резултати за време на Регионалниот форум што го организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 28 февруари и 1 март во х. Холидеј ин во Скопје.

forum25 MCMS

„За разлика од институциите кои се ограничени во делувањето со административните граници на нивните држави, оние кои работат на радикализација на луѓето не ги познаваат тие граници. Затоа е многу важна регионалната соработка и затоа е важно и на овој начин меѓусебно да се координираме“, рече во своето поздравно обраќање Златко Апостолоски, Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБТ). 

За поставеноста и структурата на телата за СНЕ и РРР  на локално ниво зборуваа Жаклина Просароска од Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Менсур Хоти, директор на Одделението за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи во Косово и Вилма Венковска Милчев од Центарот за заедничка основа од Скопје. Покрај нив, за улогата на општините зборуваа и Мехмет Балажи, градоначалник на Елез Хан од Косово и Лорена Чела од општина Тирана.  

forum46 MCMS

Од воведните обраќања и дискусијата што потоа се водење беше видливо дека во секоја од земјите има придвижување на активностите од централно кон локално ниво. Моделите се различни, структурата на телата не е толку различна, односно, профилите на оние кои работат во тие структури се многу слични како и принципите на кои се заснова нивната работата. Структурите кои работат на локално ниво, но и самите општини, имаат потреба од понатамошно јакнење на капацитетите, човечки, организациски и финансиски, за да можат да преземат активности поврзани со рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на лицата во ризик. Потребно е разјаснување на улогите на телата кои работат на локално ниво во Македонија и дефинирање на начинот на финансирање на овие активности. Резултатите од презентираниот механизам за упатување кој се испробува во моментов во Косово можат да бидат корисни за Македонија и Албанија во градењето на целовити процедури кои ќе се однесуваат не само на повратниците и на нивните семејства, туку и на лицата во ризик. 

forum19 MCMS

За улогата на граѓанските организации (ГО) во РРР на локално ниво и нивната поддршка на институциите, особено во подготовката и обезбедувањето водичи, прирачници и други материјали за секојдневната теренска работа на практичарите зборуваа Армела Џахо, од Институтот за демократија и медијација од Тирана, Афродита Муслиу од Нексус- граѓански концепт од Скопје, Фортеса Франгу од Ресурсниот центар за застапување и обука од Приштина и Синди Шаху од Линијата за советување за жени и девојки од Тирана. Беше констатирано дека граѓанските организации придонесуваат да се пополнат одредени празнини, преку прирачниците и обуките. Она што во таа соработка е предизвик, се промените кои се случуваат, најчесто заради политички причини како што се промените на властите на локално или централно ниво и сл. Во трите земји има добра комуникација на граѓанските организации и институциите. Институциите ја препознаваат потребата од широк општествен одговор за прашањата на насилен екстремизам како и за прашањата за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција и ги препознаваат граѓанските организации како партнери во тој процес. 

forum21 MCMS

За предизвиците на практичарите зборуваа Ирена Митревска, психолог, од Центарот за социјална работа, Скопје, Дестемона Чело, психолог, Албанија и Анила Брегу, од Државната агенција за заштита на правата на децата, Албанија. И говорниците и дискутантите се согласија за важноста на директната работа и индивидуален пристап кои се практикуваат во сите земји. Живата дискусија меѓу практичарите, интересот за спецификите во пристапот кај секоја од земјите ја наметнува потребата од понатамошна и подетална комуникација за овие прашања. Беше истакнато и дека очекувањата на повратниците се поголеми од институциите. Нивното правично менаџирање може да влијае на натамошната мотивација за учество во активностите кои се на доброволна основа. Сите се согласија за тоа дека образованието е клучен фактор во процесот на рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција, не само на децата туку и на возрасните.

Иако за време на Форумот во голема мера се зборуваше за процесите на реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација, учесниците се осврнаа и се заложија да се обрне внимание на активности за превенција. Во таа смисла беше укажано дека и граѓанските организации и институциите треба да работат побрзо и во од да ги прават  прилагодувањата кои ги налага употребата на новите технологии од страна на оние кои радикализираат. 

forum35 MCMS

Националниот и локалниот контекст во трите земји е сличен, сепак, секоја земја има свои особености од чие функционирање може да се учи и да се подобрат ефектите. Регионалниот форум го овозможи тоа, учесниците да учат од искуствата на другите. Токму затоа, учесниците апелираа ваквите средби да се прават континуирано.  

Регионалниот форум е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“ и Здружението за граѓански активизам и охрабрување на општествената одговорност „Хоризон Цивитас“.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Искуствата на колегите од регионот се драгоцени во работата поврзана со СНЕ и РРР