Граѓанскиот сектор алармира за односот на Владата кон граѓанското општество - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанскиот сектор алармира за односот на Владата кон граѓанското општество PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 30 јануари 2023 10:02

Граѓанските организации кои се дел од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како избрани претставници на граѓанскиот сектор, искажуваат силен револт од односот на Владата кон Советот и воопшто кон граѓанското општество. Затоа, бараме од Претседателот на Владата г. Димитар Ковачевски да се сретне со претставници на граѓанските организации од Советот и на средбата да ја појасни политиката на Владата кон граѓанското општество, да се постигне согласност за претходно покренатите проблематични прашања и вистински да се возобнови дијалогот кој беше воспоставен во изминатите години.

Ние, членовите на Советот за соработка од редот на граѓанските организации, констатираме дека во изминатата година работењето на Советот беше оневозможено преку владиното игнорирање на неговите клучните препораки и заклучоци, што е негова основна надлежност како советодавно тело на Владата. Неколкуте обиди да се воспостави директна комуникација и средба со Претседателот на Владата и со претставници од Владата за да се дискутира за  суштински прашања што го засегаат функционирањето на граѓанското општество досега беа оставени без одговор.

Длабоко сме загрижени поради влошената соработка, отсуството на суштинска, па дури и на формална комуникација и дијалог. Функционирањето на граѓанското општество е клучен показател за демократската клима во земјата, а кога тоа е загрозено – доведен е во прашање и напредокот на земјата, како и нејзиното приближување до Европската Унија. Во изминатиов период, а и сега, посебно ги потенцираме како предизвици следните прашања: 

  • Беа усвоени измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации без консултативен процес на засегнати страни, особено на Советот за соработка и пошироко граѓанските организации. Ценејќи дека постои активна работна група за измени и дополнувања на овој закон минимум очекувано беше од Владата да го отвори консултативниот процес преку јавна дискусија во Собранието на Република Северна Македонија; 
  • Во изминатата година Владата и формално и суштински ја прекрши институционалната поставеност во врска со укинувањето на средствата наменети за поддршка на активностите на граѓанскиот сектор од Генералниот секретаријат на Владата и без консултации го утврди Министерството за политички систем и односи со заедниците како надлежно министерство за распределба на средствата за поддршка на граѓанските организации. Со ваквиот начин на постапување, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците излезе целосно од рамките на своите надлежности, што е утврдено со правната рамка на државата. Ова укажување беше во неколку наврати посочено од Советот за соработка, но Владата и Министерството целосно го игнорираа ставот на ова тело; 
  • Процесот за реформа на државното финансирање и покрај сите напори и во 2022 година не се реализираше и дополнително наместо да се предвиди зголемување на државното финансирање, граѓанските организации се соочија со кратење на средства по различни основи. Ова е целосно спротивно на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество согласно која децидно е предвидено зголемување на средствата за државно финансирање на ГО; 
  • Владата го затвори консултативниот процес за Реформа на државната управа со што се нарушија основните постулати за соработка со засегнати страни. Овој процес, кој претставува целосна и сеопфатна реформа на државните органи, и покрај неколкуте барања на Советот и воопшто на граѓанскиот сектор продолжува да се води само во рамки на министерствата. 

Освен тоа, повеќе граѓански организации пријавуваат дека е значително стеснет просторот за работа на здруженијата и фондациите, а комуникацијата со повеќе министерства е влошена до загрижувачки размери, што се констатира и во повеќе извештаи кои се изготвени за овозможувачката околина на граѓанските организации.

Имајќи го предвид сето горе наведено, очигледно е дека Владата не работи на постигнување на целите на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 и не го спроведува акцискиот план на оваа Стратегија. Истовремено, со оглед на нарушената работа на Советот, не функционира ниту системот за следење на исполнувањето на обврските на Владата од оваа стратегија, за што Советот има мандат.

Вреднувајќи го незаменливиот придонес на граѓанското општество за напредокот на земјата и поддршката што овој сектор ја дава на патот на интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, членовите на Советот од редот на граѓанските организации очекуваат дека Претседателот на Владата и Владата на Република Северна Македонија ќе демонстрираат конструктивност и зачувување на основните демократски вредности за кои се залагаме како држава, со што нема да се доведе во прашање работата на цел еден сектор во ова општество. За таа цел, покрај ова јавно обраќање, ново барање за средба е доставено до кабинетот на Претседателот на Владата, како и до Претседателот на државата, релевантни комисии при Собранието на Република Северна Македонија и Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија. 

Избрани претставници на граѓанскиот сектор во Советот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и граѓанското општество, со своите организации:

  1. Снежана Камиловска Трповска, Македонски центар за меѓународна соработка Скопје – област: Демократија и владеење на правото
  2. Уранија Пировска, Здружение Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија Скопје – област: Промоција и заштита на човековите права и антидискриминација
  3. Никица Кусиникова, Здружение Конект Скопје – област: Економски и одржлив развој
  4. Димитар Низамовски, Здружение на граѓани Младински образовен форум Скопје – област: Наука, образование и доживотно учење
  5. Зоран Илиески, Коалиција на младински организации Сега Прилеп – област: Млади
  6. Јасминка Фришчиќ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Скопје – област: Социјална заштита и заштита на деца
  7. Далиборка Златева, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености Велес – област: Заштита на маргинализираните лица
  8. Андреј Сених, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни Скопје – област: Заштита на здравјето
  9. Лилјана Јоноски, Здружение Рурална коалиција Куманово – област: Земјоделство и рурален развој
  10. Тијана Ана Спасовска, Јадро Асоцијација на независната културна сцена Скопје, област Култура
  11. Никола Додов, Здружение за поттикнување и промоција на информатиката Асоцијација на студенти информатичари Скопје – област: Медиуми и информатичко општество
  12. Драгица Костадиновска, Здружение Мултиетничка организација за интернационални култури Мозаик Меик Скопје – област: Спорт
  13. Ардита Абази Имери, Институт за европска политика – Скопје – област: ЕУ интеграции и политики 
  14. Марија Савовска, Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска Скопје – област: Родова еднаквост
  15. Сашка Коцевска, Движење на екологистите на Македонија Велес – област: Заштита на животната средина
 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанскиот сектор алармира за односот на Владата кон граѓанското општество