Граѓанските организации побараа поголем ангажман од властите за државното финансирање - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации побараа поголем ангажман од властите за државното финансирање PDF Печати Е-пошта
Среда, 13 април 2022 14:29

Ние не сме песимисти, ние сме очајни реалисти!“, рече Селмин Несимоски од здружението Млади за јавен интерес од Дебар со што отслика најголем дел од дискусијата на денешниот Тематски форум на Цивика мобилитас насловен: „Државното финансирање за поголема одржливост на граѓанските организации“.

naslovna tematski 1024x715

Борбата за гол опстанок го оневозможува работењето на граѓанскиот сектор“, рече во своето поздравно обраќање Кристина Колозова од Швајцарската амбасада во земјава. Таа истакна дека примарната задача на секторот е да биде набљудувач на работата на државните институции, да коригира и укажува на неправилности или пропусти и секако да нуди решенија кои ќе бидат од корист на нивните конституентите-граѓаните.

dsc 0852 1 1024x628

Според Александар Кржаловски, Национален лидер на тимот на Цивика мобилитас и директор на МЦМС, поддршката за граѓанските организации во Македонија по повеќе од 10 години дебатирање, стигна едвај до 10 милиони евра. „За споредба, државната поддршка на граѓанските организации во Србија е 120 милиони евра, во Хрватска 230 милиони евра, а во Словенија 300 милиони евра“, рече тој и додаде дека Владата, со Стратегијата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор си презема обврска поддршката да биде 30 милиони евра уште оваа година“. Наместо зголемување, граѓанските организации се соочуваат со намалување на финансиите кои државата ги наменила за нив.

И покрај убавите зборови за креативноста и иновативноста на граѓанските организации, државниот секретар во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Рами Ќерими, не ги убеди учесниците на Тематскиот форум дека Владата ги смета за партнери. Тој истана дека Министерството од каде што доаѓа ги направило подготовките за објавување на јавен повик за финансирање на ГО и нивните активности во областите за кои е надлежно и побара разбирање за сегашната состојба која е оптоварена со различни кризи. „Ве охрабрувам да тропнете на сите врати да ги кажете своите идеи и да барате финансии за вашите креативни проекти“, рече тој.

Весна Тасевска, помошник раководител на Секторот за анализа на политиките и координација, во Генералниот секретаријат на Владата се осврна на досегашната пракса на доделување државни финансии за граѓански организации. Таа истакна дека во периодот од 2008 до 2020 година, државата доделила скоро 3 милиони евра за проекти на ГО. Само за споредба, во истиот период Цивика мобилитас обезбедила 20 милиони евра за поддршка на граѓанските организации.

Лилјана Јоноски, член на Работната група за реформа на системот на државното финансирање на ГО истакна дека финансиската оддржливост на ГО треба да е основа за изградба на стабилно и конструктивно граѓанско општество. „Ние не очекуваме и не треба да бидеме целосно финансирани од државата, но далеку сме и од таа 1/3 која е ветување на Владата и светски стандард“, рече таа и додаде дека средствата се зголемуваат благодарени на притисоците на секторот. Според неа, има подобрување во транспарентноста и добро е што организациите се вклучени во креирањето на програмата за поддршка. „Сепак, не може а да не сме разочарани од тоа што процесите се враќаат назад, а наместо зголемување на буџетот за ГО, сега располагаме со 0 денари во него“, рече Јоноски.

dsc 0837 1024x647

За Бојан Јовановски, извршен директор на Хера, посоодветно е да се зборува за државно дефинансирање затоа што организациите се далеку од одржливост. „Не слушнавме конкретни обврски и заложби од страна на државните органи“, рече тој и додаде дека заради кратењата во финансиите некои организации ќе мора да се реорганизираат, некои може и ќе згаснат.

Според Димитар Илчов од организацијата „Мисла“ финансирањето не е соодветно на процентот на вработени во секторот кој со редовните и повремените вработувања доаѓа до 2%, а поддршката е далеку под 1%. Душко Христов од Банка за храна изрази сомнеж во непристрасноста при доделувањето на државните средства. „Мораме да ги кажеме работите со вистинско име ако сакаме нештата да се менуваат“, рече тој.

Учесниците зборуваа и за фондот за кофинансирање, за односот кон локалните организации и за финансирањето од страна на општините. „Немаме пари за вработувања, имаме проблем да ги покриеме трошоците за канцеларијата – дали треба да згаснеме?“, праша Мустафа Сидов од Светла иднина од Кочани. Кризите со кои се соочува светот и нашата држава не треба да бидат алиби за државното финансирање на ГО. „Прашањето е дали Владата навистина сака да ги слушне решенијата што ги нудат ГО?“, праша Андреј Сених од „Заедно посилни“, „и зошто тогаш се стекнува впечаток дека имаат сосема игнорантски однос кон нас?“, додаде тој. Тој предложи денешните опсервации и артикулираното незадоволство да биде и формално пренесено до Владата, а граѓанските организации да размислат дали е време за артикулиран протест.

Подобрувањето на системот на државно финансирање е еден од приоритетите на граѓанското општество, а според Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2022-2024, приоритет е и на извршната власт во земјава. Сепак, неодамнешните реструктурирања и кратења на буџетот за граѓанските организации не ги потврдуваат заложбите на Владата за унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации.

ucesnici debata tematski 1024x517

Тематскиот форум на Цивика мобилитас обезбедува простор за дискусија помеѓу претставниците на граѓанските организации, институциите на национално или локално ниво и сите други чинители важни за решавање на прашањата кои се третираат.

Цивика мобилитас e програма за поддршка на граѓанското општество на Швајцарската амбасада, а ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанските организации побараа поголем ангажман од властите за државното финансирање