Мрежата СЕЛДИ продолжува со активностите за превенција и борба против корупција во регионот |
Петок, 11 Февруари 2022 15:17 | |||
На 10 февруари се одржа четвртиот годишен координативен состанок на Мрежата за развој и интегритет на Југоисточна Европа – СЕЛДИ во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: градење на капацитети за мониторинг, застапување и подигање на јавната свест“. На состанокот учествуваа 16 претставници од 11 организации членки на Мрежата, како и проектниот тим од МЦМС. „Проектот иако влегува во последната година од спроведување, сепак пред нас претстојат уште низа активности кои ќе придонесат кон превенција и борбата против корупција во земјите од Западен Балкан“, рече Александар Кржаловски, директор на МЦМС и додаде дека СЕЛДИ ќе ги разгледа сите можни опции за продолжување на финансиската поддршка и во нареден период. „СЕЛДИ во изминатиот период покажа дека има капацитет да влијае на антикорупциските политики во регионот, но сепак во наредниот период треба да работи повеќе на застапување и промоција на препораките и заклучоците од спроведените анализи и документи за јавни политики и да ја зајакне соработката со различните чинители.“ истакна Руслан Стефанов, директор на сектор во Центарот за изучување на демократијата од Бугарија. Проектниот тим ги презентираше досегашните постигнувања и спроведени активности. Дополнително укажа на обвррските во активностите кои ќе бидат спроведени во следниот период: одржување на национални настани и регионален настан за споделување на резултатите од Системот за следење на корупција, работилница за научени лекции и одржливост на мрежата, подготовка на вториот Регионален извештај за корупција и три документи за јавни политики, како и организирање на годишен регионален антикорупциски форум, кој воедно ќе биде и завршен настан на самиот проект. На средбата беа дискутирани и можностите за зголемување на видливостa на Мрежата, споделување информации, привлекување интерес на нови практиканти итн. Проектот го координира МЦМС, а се спроведува во соработка со дванаесет организации од регионот и дваесет и една организација кои имаат статус на соработници. Финансиската поддршка е обезбедена од Европската Унија.
|