Кодексот за граѓански организации досега го потпишаа 51 организација - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Кодексот за граѓански организации досега го потпишаа 51 организација PDF Печати Е-пошта
Вторник, 30 ноември 2021 18:22

Македонскиот граѓански сектор доби Кодекс за граѓански организации кој е подготвен во заедничка инцијатива на повеќе од 50 граѓански организации и преставува чекор напред во унапредување на саморегулацијата во граѓанското општество. Доколку се уште не сте го потпишале, а сакате да го направите тоа, потребно е да потпишете изјава што е достапна на ова патека https://mcms.mk/mk/kodeks-za-go. Таму можете да најдете и контакти за повеќе информации поврзани со Кодексот. 

2k1k

Целта на Кодексот е да го зајакне системот на саморегулација и да придонесе за поголема професионалност и отчетност на организациите. „Ова е голем чекор за граѓанскиот сектор“, рече Кристина Колозова од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) на промоцијата на Кодексот и изрази надеж дека ќе се зголемува бројот на организации кои ќе пристапат и кои ќе се придржуваат кон неговите заложби. „Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме денес е градењето на доверба со граѓаните и пошироката јавност. Оттука, како граѓански организации кои делуваме на локално и национално ниво сакаме да обезбедиме поширока отчетност за својата работа и со тоа да го потврдиме јавниот интерес во процесите на креирање на политиките кои се од интерес за граѓаните, а за кои добиваме ресурси“, вели Александра Савевска од МЦМС.

Според Никица Кусиникова од Конект, со Кодексот, граѓанските организации покажуваат зрелост со тоа што си наметнуваат повисоки стандарди на работење. Целта на ова, според неа е „да покажеме дека секторот оди напред, дека секторот вистински ги одразува интересите на граѓаните и работи за да го подобри животот на граѓаните“. Имајќи ги предвид барањата за транспарентност и отчетност што ги упатуваат граѓанските организации до институциите, „ред е да бидеме први што ќе го промовираме тоа од наша страна“, рече Лилјана Јоноски од Рурална Коалиција. 

За граѓанските организации е императив да покажат дека можат и умеат да воспостават систем на саморегулација. На овој начин, тие покажуваат дека колку подобро раководат со нивните организации, толку подобро ќе можат да влијаат на развојните политики од интерес на јавноста и на граѓаните. 

За Фани Кранфилова-Пановска од Фондацијата Отворено општество Македонија, Кодексот е заокружување на самосвесноста на граѓанските организации кои во трите претходни децении „покажаа дека се едни од пионерите и едни од авангардните чинители во ова општество кои се трудеа она што го прават за граѓаните да го покажуваат на најтранспарентен начин“. И за Александар Кржаловски од МЦМС ова е начин да се демонстрира дека граѓанските организации можат да бидат подобри и од Владата па и од приватниот сектор. Ова е и можност „да демонстрираме дека со такви вредности кон кои сите се стремиме, ќе ги натераме и другите субјекти и ќе ја вратиме довербата на граѓаните и во нашиот сектор и во државните институции“, додава тој. 

Кодексот содржи осум аспиративни заложби и околу 45 стандарди и принципи кои ќе овозможат имплементирање на современи одредби за добро управување. Граѓанските организации кои ќе пристапат на овој Кодекс ќе биде потребно да известуваат за неговото спроведување во своите годишни извештаи. Кодексот е жива материја и ќе се унапредува со текот на времето и во неговата содржина и имплементирање. 

Активностите поврзани со подготовката на Кодексот беа дел од програмата Одржливо граѓанско општество – Државно финансирање на граѓански организации која ја спроведуваше МЦМС, а финансиски ја поддржа Европската Унија. 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Кодексот за граѓански организации досега го потпишаа 51 организација