Граѓаните за односите меѓу Македонија и Бугарија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните за односите меѓу Македонија и Бугарија PDF Печати Е-пошта
Петок, 06 ноември 2020 17:16

Мнозинство од граѓаните веруваат дека Владата нема да попушти пред притисокот од соседна Бугарија. Вкупно 54,7% воопшто или до некаде не се согласуваат со изјавата дека Владата ќе се согласи со се што ќе побара Бугарија , а малку повеќе од третина (37,4%) рекле дека целосно или до некаде се согласуваат со таа изјава. Ова се дел од резултатите од последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма посветена на релациите меѓу Македонија и Бугарија, а во светло на отпочнувањето на преговорите со Европската Унија. Разлики во одговорите можат да се видат кај најголемите етнички заедници, па така, 61,3% од етничките Македонци воопшто или до некаде не се согласуваат со таа изјава, а од нив, 44,8% воопшто не се согласуваат со оваа изјава, додека 56,6% од испитаниците етнички Албанци рекле дека целосно или до некаде се согласуваат со изјавата.

graganite za odnosite megju makedonija i bugarija1

На прашањето „Што е најмалку прифатливо за вас во односите со Бугарија“, граѓаните најчесто го избирале одговорот „сите се неприфатливи“. За речиси една петтина од оние кои решиле да изберат своја црвена линија, најнеприфатливо е признавањето дека Гоце Делчев и припаѓа на Бугарија и на нејзината историја. Потоа, 18,3% од граѓаните црвената линија ја поставуваат на постоењето на македонската нација и пред 1944 година, додека за 14,9% е најнеприфатливо да не се употребува терминот „македонски јазик“ во ЕУ. За 45% од етничките Македонци сите изјави се неприфатливи. На второ место е припадноста на Гоце Делчев која е најважна за 34% од испитаниците, а потоа е постоењето на македонската нација која е црвена линија за 25,3% од граѓаните Македонци. Најголем број од етничките Албанци (30,7%), црвената линија ја поставиле на македонскиот јазик во ЕУ, а веднаш потоа е постоењето на македонската нација (23,2%). \\

graganite za odnosite megju makedonija i bugarija

Анкетата опфати и неколку тнр. економски прашања. Поделени се мислења на граѓаните во поглед третманот на националните власти и институциите низ годините на развојот на Коридорите 8 (Бугарија-Албанија) и 10 (Србија- Грција). Вкупно 44,2% се согласуваат дека третманот бил фер и подеднаков, додека 42,4% не се согласуваат со тоа. Мнозинство од испитаниците (52,4%) сметаат дека националните власти и институциите фер и подеднакво се однесуваат кон фирми, банки и економски иницијативи од Бугарија наспроти другите соседи. Наспроти нив, над една третина односно 35% не се согласуваат со таа констатација.

graganite za odnosite megju makedonija i bugarija2

За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Анкетирањето на граѓаните е направено преку телефонска анкета во периодот од 31 октомври до 5 ноември 2020 година. Анкетата  е направена на национално репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години. 

Ова е првиот дел од анкетата. Вториот дел ќе биде публикуван во текот на следната недела.

Истражувањето е дел од проектот „ЕУро Фокус“, што го поддржа проектот „Нордиска поддршка за напредокот на Северна Македонија“.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓаните за односите меѓу Македонија и Бугарија