Избрани се нови 12 акциски грантисти на Цивика мобилитас - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Избрани се нови 12 акциски грантисти на Цивика мобилитас PDF Печати Е-пошта
Четврток, 30 април 2020 09:48

20200429 CM akciski grantovi

Вонредната состојба во земјава не влијаеше на процесот на евалуација на доставените пријави на повикот за акциски грантови (ЦМ-АКТ-05). Комисијата за избор на грантови по електронски пат ги оцени пријавите, по што одлучи дека добитниците на акциски грантови се 12 организации, и тоа:

  • Здружение-Балкански институт за регионална соработка БИРС Тетово со проектот „Шар Планина – последната брана против еколошката катастрофа“
  • Македонско пенолошко друштво Скопје со проектот „Превенција на детско претставништво“
  • Здружение на граѓани „Финанце тхинк“ - Институт за економски истражувања и политики со проектот „Интерактивен и повеќесекторски механизам за следење на исполнувањето на политичките ветувања сврзани со економијата“
  • Здружение за истражување и анализи ЗМАИ Скопје со проектот „Центар за јавни политики“
  • Здружение „Мировна акција“ Прилеп со проектот „Толкување на заедничката историја на современото време“;
  • Хуманитарно добротворно здружение на Роми – Месечина Гостивар со проектот „Регистрирај се – биди видлив“
  • Фондација за медиуми и граѓанско општество „Македонски институт за медиуми“ Скопје со проектот „Партнерство, застапување и комуникација за ефикасна инклузија на лицата со попреченост“;
  • Македонија 2025 Огранок во Република Македонија со проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“
  • Асоцијација за чиста животна средина „Ајде Македонија“ Скопје со проектот „Одржлива мрежа за спасување на храна“
  • Здружение на граѓани „Центар за климатски промени“ Гевгелија со проектот „Граѓанска платформа за следење на преговорите со ЕУ за поглавје 27“;
  • Здружение на граѓани за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје со проектот „Крај за менструалната сиромаштија – Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во РСМ“
  • Хуманитарно здружение за помош и подршка на лица со посебни потреби „Бравура кооператива“ Делчево со проектот „Инклузивен мост“.

Акциите на новите грантисти ќе се спроведуваат во 10 различни сектори. Дел од нив ќе се осврнат кон преговорите со ЕУ за поглавјето 27 кое се однесува на животната средина; ќе ја подигнуваат свеста кај локалното население за зачувување на Шар Планина како природно богатство; а исто така ќе ја прошират мрежата на дневна редистрибуција на вишоци од храна во Североисточниот и Пелагонискиот регион. 

Покрај тоа, организациите ќе се занимаваат со детско престапништво; ќе ги јакнат капацитетите за социјално претприемништво кај децата без родители и родителска грижа; ќе ги унапредуваат знаењата и вештините на новинарите за практикување инклузивно новинарство; а исто така ќе им помогнат на лицата без извод од посебната матична книга на родените и без лична карта да ги стекнат истите.

Понатаму, тие ќе ги градат истражувачките капацитети на граѓански организации; ќе иницираат разработка на „етноцентричните“ наративи по предметот „Историја“; ќе ја надгледуваат отчетноста на политичките партии во спроведувањето на нивните ветувања; а исто така ќе учествуваат во креирањето и донесувањето одлуки за подобрување на бизнис климата.

Поддржаните акции во главно се од национален размер, додека две од нив ќе се спроведуваат на регионално ниво. Грантистите доаѓаат од пет региони, најголем број од нив се од скопскиот, потоа од полошкиот, источниот, пелагонискиот и југоисточниот регион.

На повикот што беше отворен до 3 март 2020 г. беа поднесени 109 пријави за акциски грантови, од кои 95 ја поминаа административната проверка.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Избрани се нови 12 акциски грантисти на Цивика мобилитас