Првпат по шест години има подобрена овозможувачка околина за граѓанското општество |
Среда, 10 јули 2019 12:44 | |||
На вчерашниот (9.7.2019г.) тематски форум на Цивика мобилитас посветен на опкружувањето за граѓанските организации, над 80 претставници на граѓанските организации дискутираа за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество за 2018 година. Форумот го отвори амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Сибил Сутер Тејада. „Фактот што Швајцарија ја продолжува поддршката на граѓанското општество самиот говори за нашата посветеност да креираме стабилно опкружување за граѓанското општество, но уште повеќе за важноста Владата и останатите институции да работат во таа насока“, рече таа. „Околината во која делуваше граѓанското општество во текот на 2018 година, беше значително унапредена за граѓанските организации. Позитивните наоди се значајни, особено имајќи предвид дека по шест циклуси на следење на овозможувачката околина, за прв пат се регистрирани бројни постигнувања во насока на поддршка и развој на граѓанскиот сектор“, рече Симона Огненовска, една од авторките на Извештајот за овозможувачка околина за развој на граѓанското општество за 2018г. Беше истакнато дека слободите на здружување, собирање и изразување беа законски загарантирани и главно почитувани и обезбедени во практика, а клучно беше затворањето на инспекциите кои започнаа врз 22 организации на крај на 2016 година. Финансиската рамка за одржливост на граѓанското општество беше делумно унапредена, а клучни измени настанаа во Законот за данок на добивка, при што за првпат по долгогодишни напори на граѓанските организации, тие беа иззмени како субјекти на Законот. Во третата област, односот меѓу Владата и граѓанските организации, унапредувањето на состојбата е најзначително и истото се рефлектира преку воспоставувањето и ефективното функционирање на Советот за соработка со граѓанските организации и донесувањето на третиот стратешки документ Стратегија на Владата на Република Македонија за соработка со и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020. За време на панелот, Гордана Гапиќ Димитровска, државен советник од Министерството за информатичко општество и администрација говореше за вклучувањето на граѓанските организации во креирањето политики и ги презентираше резултатите од првиот Годишен извештај за оценка на консултациите во 2018 година. Освен тоа, Билјана Спасовска, од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), ги сподели регионалните искуства во врска со намалените простори (shrinking spaces) со кои се соочуваат граѓанските организации на Балканот. Меѓу другото, таа напомена дека се води црна кампања против здруженијата, активистите и истражувачките новинари, додека граѓанското општество станува се посилно и делува како противтежа во оваа ситуација. Дел од препораките кои се истакнаа се однесуваа на потребните измени во Кривичниот законик со кој претставниците на здружениjата и фондациите се третираат како службени лица; ставање на тековниот Закон за лобирање вон сила; како и поедноставување на процедурите при регистрација на проекти ослободени од ДДВ. Во однос на очекувањата за директна финансиска поддршка од државата, потребно е да се воспостави фонд за развој на граѓанското општество, да се обезбеди кофинансирање за проектите подджани од странски донатори, потоа потребно е од праксата на едногодишно финансирање да се премине кон повеќегодишна организациска и проектна поддршка; да се зголеми транспарентноста, ефективноста и отчетноста при постапката на дистрибуирање на средствата, но и при трошењето на истите од страна на организациите.
|