Граѓанските организации во Свети Николе побараа поголема транспарентност од Општината - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации во Свети Николе побараа поголема транспарентност од Општината PDF Печати Е-пошта
Сабота, 30 март 2019 00:00

Граѓанските организации од Свети Николе не се задоволни од поддршката која им ја пружа општината. За да добијат финансиска поддршка, потребно е да поднесат апликации, а општината ги известува за одобрените средства кои се, најчесто, помали од бараниот износ. Со ребаланс на општинскиот буџет таа сума може да се намали, а може и воопшто да не се исплати, за што никој не одговара бидејќи општината не потпишува договор со здруженијата. Ваквата пракса ја посочија претставниците на здруженијата од Свети Николе, за време на Мобилниот ресурсен центар на 29 март 2019 год., кој се организираше во соработка со Организацијата на жени на општина Свети Николе.

20190402 MRC S Nikole

Според нив, потребна е поголема транспарентност и соодветна методологија за распределба на средствата, бидејќи сегашната практика нема позитивни резултати.

Освен тоа, организациите се соочуваат со недостаток на простор за работа. Тие сметаат дека постојат напуштени згради и простории кои можат да се пренаменат за нивните потреби. Иако до сега, градоначалниците им ветувале дека ќе им излезат во пресрет, тоа сѐ уште не се случило. Користењето на просторот во Домот на културата не го сметаат за сериозно и трајно решение бидејќи не секогаш им е даден на располагање.

Уште еден од предизвиците се слабиот капацитет на самите здруженија за пишување апликации за грантови, незаинтересираноста на младите да се вклучат во граѓанското општество како и недостигот на иницијативност.

Тимот на Граѓанскиот ресурсен центар се сретна и со градоначалникот Сашо Велковски. На средбата истакна дека тој самиот доаѓа од граѓанска организација, поточно здружението Доброволно противпожарно друштво Свети Николе, така што добро ги разбира предизвиците на организациите во нивното функционирање.

Во однос на поддршката за здруженијата, за 2019 година предвидени се 1.000.000 денари од буџетот на Општината. Велковски истакна дека постои методологија по која се распределуваат средствата, односно се распишува оглас и се бара да се пополни апликација. Општината избира кои делови од програмите може да бидат финансиски поддржани, а потоа Одделението за локален економски развој (ЛЕР) го прави изборот и го следи спроведувањето.

Исто така, предвидено е да се формира и Младински културен центар во Свети Николе.


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанските организации во Свети Николе побараа поголема транспарентност од Општината