Претседателски избори 2019 - Ставови на јавноста |
Вторник, 26 март 2019 13:21 | |||
Aвтори: Александар Кржаловски, Фанија Ивановска Во овој извештај „Претседателски избори 2019“ се презентирани и анализирани ста-вовите на граѓаните во Македонија во однос на претстојните претседателски избори, добиени преку испитувањето на јавното мислење во периодот од 13 до 19 март 2019 годи-на, а кое за МЦМС и ИДСЦС го спроведе агенцијата М-проспект. Стево Пендаровски, кандидатот на СДСМ и ДУИ, е во благо водство (25,0%) пред Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ (22,4%), односно разликата е 2,6 процентни поени, што е во границите на статистичката грешка, па може да се каже дека се работи за изедначена трка и еднаква можност за победа на изборите. Ова го покажаа резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) Скопје. Поддршката за Блерим Река, кандидат на Алијансата за Албанците и на Беса е 10,9% од испитаниците. Што се однесува до самата излезност на изборите, вкупно 67,3% рекле дека ќе излезат, а речиси една четвртина (24,1%) рекле дека нема да излезат на изборите. Меѓутоа, прашани да кажат колкава е веројатноста да излезат на избори на скала од еден до 10, процентот на оние кои сигурно ќе излезат паѓа на 37,2%, а секој петти (20,4%) сигурно нема да гласа. Треба да се има предвид дека проверката е правена на повеќе од еден месец од одржувањето на изборите и од да започнувањето на официјалната кампања. Мнозинството симпатизери на ДУИ (57,1%) во првиот круг изјавиле дека ќе гласаат за Блерим Река наспроти 25,7% за Стево Пендаровски, додека за вториот круг мнозинството од нив, 58,6% се определува за Пендаровски. Покрај тоа, 16,8% од етничките Албанци рекле дека нема да излезат воопшто на гласањето во првиот круг, додека за вториот, процентот расте до 37,3%. Ова може да влијае на постигнувањето на цензусот. Релативно се изедначени и процентите на испитаниците кои ги перципираат кандидатите Гордана Силјановска и Стево Пендаровски како партиски независни, блиски до народот, чесни, разбирливи во зборувањето и во одбрана на државните интереси. Поголем број од испитаниците ја перципираат Гордана Силјановска како натпартиски кандидат (24,3% наспроти 19% кај Пендаровски), додека пак Стево Пендаровски е виден како кандидат кој ужива поголем углед кај страниците (39,3% наспроти 14,2% кои го велат тоа за Силјановска).
|