Слабо развиен и неинформиран граѓански сектор во Струга |
Вторник, 05 март 2019 12:34 | |||
Граѓанските организации и неформалните групи побараа поголемо вклучување при подготовката и спроведувањето на локалните политики за време на Мобилниот ресурсен центар кој се одржа на 25 февруари во Струга. Истиот беше организиран во партнерство со и во просториите на Центарот на зaедницата на општина Струга. Во дискусијата се вклучија 10 учесници, кои истакнаа дека е потребно секторски и здружено да делуваат со цел да се иницираат промени на локално ниво. Струга се соочува со слабо развиен граѓански сектор и со мал број на активни организации кои делуваат во тој регион. Ова резултира со неискористена можност за подготовка на проекти за прекугранична соработка и покрај добрата местоположба. Центарот на заедницата на општина Струга претставува точка на соработка на локалната самоуправа со граѓанските организации и граѓаните. Неговото опстојување е потпомогнато од самата општина. На годишно ниво, општината одвојува средства наменети за проекти на граѓанскиот сектор, но тие беа оценети како недоволни за реализација на повеќето од активностите. Присутните побараа доделените грантови и нивните добитници транспарентно да се објават на веб страната на општината. Граѓанските организации исто така ја изразија нивната недоверба кон донаторите и распределбата на средствата по организации. Локалните граѓански организации не се доволно запознаени со заложбите на Владата за поддршка и соработка со граѓанскиот сектор. Оттаму произлезе препораката до институциите тие да бидат проактивни во информирањето за Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор и Стратегијата на Владата на Република Македонија за соработка со и развој на граѓанскиот сектор 2018 – 2020 година. Граѓанскиот ресурсен центар е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип.
|