Обука за поотчетни граѓански организации |
Среда, 13 Февруари 2019 00:00 | |||
На 11 и 12 февруари, Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) организираше обука за транспарентност и отчетност на граѓанските организации за 21 лице од управните и раководните структури на здруженијата. Тие добија нови знаења и вештини кои ќе им помогнат да воспостават процеси и практики на отчетно управување и раководење во своите организации. „Професионален и сеопфатен пристап. Формата и содржината на оваа и сличните обуки организирани од ГРЦ сигурно ќе го поддржат и забрзаат патот на ‘помладите’ граѓански организации до ниво на самоодржливост“, рече Дејан Стојановиќ од организацијата Ин виво. Учесниците преку работа во групи развија дефиниции за отчетност, транспарентност, добро управување и раководење; а направија и преглед на процеси од работењето за кои треба да ги консултираат и вклучуваат различните чинители како конституенти, управни структури, вработени, донатори. Понатаму, тие ги распределија одговорностите меѓу управните и раководните структури; направија листа на вообичаени одлуки кои се носат во организацијата и ги анализираа од аспект на транспарентност и партиципативност. На крај, ги издвоија најчестите проблеми на управните структури и препораки за нивно решавање, подготвија блок дијаграми за процесите во организациите водејќи сметка низ истите да се осигура транспарентноста и отчетноста; а развија и листа на извештаи кои вообичаено ги подготвуваат со препораки за нивно ефективно користење. Освен тоа, учесниците следеа и вебинар од половина час кој се однесуваше на отчетност кон корисниците. Обуката се одржа во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар, а ја спроведе експертот Сунчица Саздовска. Оваа е дел од низата обуки кои ги организира Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка во партнерство со Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар и Медиа плус од Штип.
|