АГРУМЕНТИ – Збирка истражувања на важни општествени теми |
Петок, 13 јули 2018 13:41 | |||
Aвтори: Гонце Јаковлеска, Александар Кржаловски; Сашо Клековски, Стефан Чилевалиев и Јасмина Михаиловска Збирката истражувања за важни општествени теми – АРГУМЕНТИ ја чинат осум истражувачки извештаи направени врз основа на исто толку телефонски анкети кај населението на Република Македонија. Главниот мотив на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма во спроведувањето на овие истражувања беше да се обезбедат информации кои ќе придонесат за аргументирана јавната дебата. Темите кои беа истражувани во голем дел се однесуваа на политичката ситуација во Република Македонија, што е разбирливо имајќи ги предвид случувањата во тој период: предвремени парламентарни избори, проблеми со формирање влада, насилството во Собранието на 27 април, локалните избори. Вкупно пет истражувања беа посветени на овие теми: Јавното мислење за изборниот процес; Постизборни политички теми; Перцепции и ставови за случувањата во Собранието на 27 април 2017 г.; 100 дена Влада и локални избори и Локални избори 2017- рејтинзи на кандидатите за градоначалник на Скопје и листите за советниците. Покрај тоа, беа истражувани и прашањата на иселувањето од Македонија, добрососедските односи и задоволството од здравствените услуги. Наодите од овие анкети се презентирани во извештаите: Задоволство од местото на живеење и планови за напуштање на Република Македонија; Добрососедство и односи со Бугарија и Јавното мислење за здравствените услуги во Македонија. Истражувањата понудија поинаков пристап, од долу нагоре. Тоа овозможи дебатата да ги земе предвид проблемите и потребите на граѓаните и да ги истакне нивните перцепции за важните општествени прашања. На овој начин, мислењето на граѓаните можеше да биде појдовната точка во дискусиите. Наодите од истражувањата беа презентирани во емисијата Топ тема на ваша страна со што станаа достапни на пошироката јавност. Ваквиот процес, не обезбеди само медиумска содржина за емисијата, тој сам по себе има пошироко значење, а тоа е градење на јавната свест за овие важни општествени прашања и истакнување на потребата за вклучување на граѓаните во јавната дебата. Покрај тоа, овие истражувања, им даваат можност и на институциите да ги согледаат ставовите и мислењата на граѓаните и соодветно да ги вклучат во креирањето на политиките. Сите телефонски анкети ги спроведе агенцијата М-Проспект, која е одговорна за нивната методолошка исправност. Спроведувањето на истражувањата и нивното публикување е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“ што го спроведуваат Телевизија Телма и МЦМС, а финансиски го поддржува Агенција за меѓународен развој на САД (УСИАД).
|