Граѓаните се песимисти за ефектите од борбата против корупцијата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните се песимисти за ефектите од борбата против корупцијата PDF Печати Е-пошта
Петок, 30 март 2018 09:51

Корупцијата и натаму е петта на листата на општествени проблеми за граѓаните. За нив, поважни се прашањата од егзистенцијална природа, како невработеноста, сиромаштијата и ниските приходи, но и политичката нестабилност. Ова го покажа новиот Извештај за проценка на корупцијата што го подготви МЦМС.

izvestaj za procenka na korupcijata vo makedonija 2018

Расте коруптивниот притисок од страна на службениците и вклученоста во корупција од страна на граѓаните“, истакна Емина Нурединоска, од МЦМС која го презентираше извештајот на конференцијата Борбата против корупцијата - предизвик за заедничко делување на граѓаните и институциите што се одржа на 28 март 2018 година во Скопје. „Според овогодишните податоци, 36,3% од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, што е за 5,8 процентни поени повеќе, споредбено со 2016 г. и 10 процентни поени споредбено со 2014 година“, додаде таа. Сепак, расте и отпорот на корупција што се гледа преку вклученоста која е 31,4%. Притисокот е поголем врз етничките Албанци (81%) во однос на етничките Македонци (53%). Граѓаните очекуваат дека тој притисок и во иднина ќе постои и оваа перцепција е влошена во однос на 2016 година за 12 процентни поени. Поврзано со ова е и трендот на зголемување на прифатливоста на корупцијата. За 50% од граѓаните тоа е прифатлив начин на однесување. Според Нурединоска, загрижува податокот дека младите се најтолерантни кон корупцијата.

izvestaj za procenka na korupcijata vo makedonija 2018Повеќе од половина од граѓаните (61,9%) сметаат дека корупцијата е распространета меѓу службените лица. Тројца од четворица сметаат дека судиите и јавните обвинители се најкорумпирани. Над 65% од граѓаните сметаат дека пратениците, министрите, лидерите на политички партии и локалните лидери се најкорумпираните професии. Гледано по сектори, на прво место по корумпираност, граѓаните ги ставаат судовите и обвинителството, а на второ, Министерството за здравство и јавниот здравствен сектор.

Граѓаните не се оптимисти за искоренување на корупцијата. Секој петти смета дека таа не може да биде намалена, а 46,9% сметаат дека секогаш ќе постои но, може да биде намалена. Она што загрижува е неказнивоста на корупцијата во Македонија. Имајќи предвид дека 31,4% од испитаниците потврдиле дека биле вклучени во корупција, проектирано на вкупното население станува збор за 519.727 граѓани. Ова упатува на заклучок дека се извршени минимум половина милион кривични дела од областа на корупцијата. Од друга страна, во 2016 година само 145 лица биле осудени за злоупотреба на службена должност или поткуп, што значи стапка на ефикасност на институциите од 0,03% случаи откриени и завршени со пресуда.

Министерството за внатрешни работи, Владата и Специјалното јавно обвинителство уживаат најголема доверба како институции за справување со корупцијата.

На конференцијата се обратија и Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Пол Едвардс (Paul Edwards), заменик шеф на мисијата на Британската амбасада во Македонија.  

Конференцијата е дел од проектот „Следење на работата на ДКСК“, што го спроведува МЦМС, а кој е поддржан од Британската амбасада во Македонија.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓаните се песимисти за ефектите од борбата против корупцијата