Работилница за ревизија на Конвенцијата на Обединети нации против корупција - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Работилница за ревизија на Конвенцијата на Обединети нации против корупција PDF Печати Е-пошта
Четврток, 20 октомври 2016 15:36

Соработката помеѓу владите и граѓанските организации во спроведувањето на Конвенцијата на Обединети нации против корупција (УНЦАЦ) и вториот циклус на незината ревизија беше во фокусот на работилницата што се одржа од 20 до 23 септември 2016 г., во седиштето на Обединети Нации во Виена, Австрија.

Rabotilnica Viena 1

Вкупно 63 претставници на институции и граѓански организации од 18 земји од Африка и Југоисточна Европа зборуваа за улогата на граѓанското општество како клучен партнер во развојот на државата и јакнењето на свеста кај граѓаните. Тие потенцираа дека граѓанските организации делуваат како мост помеѓу владите и граѓаните и затоа играат важна улога во борбата против корупцијата.

Учесниците имаа можност да ги заменат улогите и да симулираат ревизија на Конвенцијата. Претставниците на владите, во улога на граѓански организации, за да ја убедат владата да ги вклучи во претстојниот циклус на ревизија оперираа со аргументите: политичка неутралност, независно финансирање, легитимност, структура, искуство, способност за застапување, блискост до јавноста, посветеност и заедничкиот интерес.

Интересни искуства и добри практики во следење на корупцијата беа споделени од страна на присутните. Дел од нив предложија институциите и граѓанските организации да потпишат Меморандум за соработка за подобрување на борбата против корупцијата. Кварталното известување на граѓанските организаци за активностите поврзани со антикорупција и стратегиите на владата за набљудување беше една од добрите пракси за кои се разговараше. Беше споделено и дека во некои земји, претставници од граѓанското општество, вклучувајќи ги образовните институции и медиумите се членови на Советодавниот одбор на Комисијата за антикорупција. Огранокот на Трансперенси интернешнл од Јужна Африка, го сподели искуството од учеството во работата на националниот управен комитет за процесот на ревизија на УНЦАЦ. Активното учество на граѓанските организации во работата на комитетот овозможило објективен завршен извештај од кој, неколку препораки веќе се имплементираат.

МЦМС во рамките на Платформа на граѓански организации за борба против корупција ќе иницира активно вклучување на граѓанските организации во вториот круг на евалуација, особено во евалуција на спроведувње на Глава 2 од конвенцијата, којашто се однесува на превентивните мерки за борба против корупцијата.

Конвенцијата на ОН против корупција е единствениот правно обврзувачки, универзален инструмент за борба против корупција, и нејзиниот член 13 го повикува општество, вклучувајќи ги и граѓанските организации активно да се вклучат во борбата против корупцијата.

Rabotilnica Viena 2

Работилницата ја организираа Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (УНОДЦ) и Коалицијата УНЦАЦ. Претставник на МЦМС беше Марија Саздевски. Работилницата ја поддржа Австриската агенција за развој, а ја отвори Амбасадорот д-р Хелмут Бок, австриски министер за надворешни работи.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Работилница за ревизија на Конвенцијата на Обединети нации против корупција