Предизвиците на организациите од регионот дискутирани во Брисел - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Предизвиците на организациите од регионот дискутирани во Брисел PDF Печати Е-пошта
Вторник, 20 септември 2016 13:51

Александар Кржаловски и Симона Огненовска од МЦМС учествуваа на два настани, клучни за процесот на следење и застапување за околината за развој на граѓанското општество во регионот, организирани од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) од 5 до 7 септември оваа година во Брисел. 

brisel-rabotilnica

По четири години следење на околината во која делуваат граѓанските организации во регионот, членките на БЦСДН разговараа за иднината на следењето и потребата од зајакнување на ефектите од застапувањето. Организациите дискутираа околу првичната идеја на матрицата и постигнувањата. Беа одредени следни чекори и препораки и дека во иднина од примарна важност ќе биде и процесот на застапување

Вториот настан беше дебатата со наслов „Стандардите растат, трендовите опаѓаат? Работната околина за граѓанското општество во земјите од проширувањето“. Во присуство на  50-тина претставници на институциите на ЕУ и други релевантни организации беше презентиран Регионалниот извештај за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество 2015. Во овој тригодишен период на следење, во регионот се забележани уназадувања во поглед на слободата на здружување, граѓанскиот дијалог со државните институции, додека регулативата за финансиската оддржливост на граѓанските организации и натаму останува проблематична. Граѓанските организации од регионот преку активна дискусија со претставниците од Европската Унија имаа можност да упатат јасни и директни пораки до институциите на ЕУ за предизвиците со кои се соочуваат.

Претставници на организациите од Западен Балкан и Турција дискутираа за напредокот во одредени области, како и клучните предизвици во околината на граѓанското општество во нивните држави. Клотилда Коста од организацијата Партнерс Албанија, истакна дека во Албанија и покрај воспоставувањето на Националниот совет за граѓанско општество, се уште отсуствува значителна соработка меѓу граѓанското општество и државата. 

brisel-debata

Во Косово, во изминатиот период Владата усвоила модел на државно финансирање на граѓанските организации, со што се подобрила достапноста, транспарентноста и одговорноста во поглед на поддршката на граѓанските организации.  Сепак, Таулант Хоџа од КСЦФ потенцираше дека моделот се уште е во процес на разработка и неговите резултати и процедури треба тековно да се следат. 

Србија, која во моментов е во процес на преговори со ЕУ, се соочува со сериозно уназадување во поглед на основните законски загарантирани слободи на граѓанските организации. Законот за јавни собири кој е усвоен во текот на 2016 г. содржи ограничувања и одредби кои не се во согласност со меѓународните стандарди, истакна Бојана Селаковиќ од Граѓански иницијативи од Србија.  

Соња Нита од секторот на DG NEAR на Европската комисија, ги потврди загрижувачките трендови во земјите на проширување и го повика граѓанското општество да продолжи со своите залагања во кои Комисијата постојано инвестира. Претставниците на граѓанските организации и другите институции на ЕУ сметаат дека е потребно посилно и помоќно граѓанско општество кое ја поттикнува политичката одговорност и негува подлабоко разбирање на реформите поврзани со пристапувањето. 

Овој настан беше и завршна церемонија на четиригодишниот проект „Acquis на балканското граѓанско општество - јакнење на потенцијалот и капацитетите на граѓанските организации за застапување и лобирање“.


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Предизвиците на организациите од регионот дискутирани во Брисел