Силниот ветар и високите температури не го спречија граѓанскиот активизам - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Силниот ветар и високите температури не го спречија граѓанскиот активизам PDF Печати Е-пошта
Четврток, 21 јули 2016 15:22

Соработката на Цивика мобилитас и Д-фестивал продолжи и оваа година со мобилизација на учеството на повеќе нејзини грантисти кои организираа проекции на документарни филмови, отворени дискусии, работилници, интерактивни игри, подготовка на храна, презентации и изложби се само дел од активностите кои побудија голем интерес кај посетителите на фестивалот. Преку тридневна дружба во рамките на ПлоштАрт катчето 10 грантисти на Цивика мобилитас, организираа активности преку кои информираа за нивните постигнувања, а дел од останатите го посетија фестивалот и учествуваа во активностите на нивните партнери.

Silniot vetar i visokite temperaturi ne go sprechija gragjanskiot aktivizam 1

Тимовите на институционалните грантисти, Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ - Велес и Центар за интеркултурен дијалог - Куманово (ЦИД) беа најбројни и активни за целото времетраење на фестивалот. Покрај нив, со штанд се презентираа и институционалните грантисти Субверзивен фронт и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, кои организираа и дебата „Без стереотипи и предрасуди! Дискусија „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Фокус се презентираше преку штанд и преку интерактивни тематски игри за подобро запознавање со нејзините цели и активности, како на пример играта „Што му треба на мојот град?“, каде учесниците на мапата од Македонија секој за својот град ги запишуваше главните потреби или недостатоци. Александар Стојковски од Фокус изјави „Ни беше големо задоволство да учествуваме оваа година на Д Фестивал како еден од најуникатните летни фестивали кој нуди многу забава и убаво поминато време. Како млад фестивал и оваа година ни ги исполни очекувањата и се надеваме дека ова ќе остане како традиција многу години нанапред. Оваа година бевме дел од Цивика мобилитас како институционални грантисти и искуството кое го стекнавме преку вмрежување со други граѓански организации и промовирајќи ја својата на учесниците со размена на идеи, ставови, мислења е нешто што ќе остане врежано во нас.

ЦИД организираше повеќе активности за кои ни раскажа Нами Исаки „Нашите активности ги сочинуваа Мулти-култи автобусот кој беше дел од активностите што носеше позитивна енергија од различни градови преку креирање на сложувалката од секој град на патот до Дојран, а воедно им овозможи на младите бесплатен превоз до фестивалот; како и “Bubbles Corner” со која луѓето ги поттикнуваме да се насмеани и среќни и која побуди голем интерес кај учесниците кои правеа меурчиња, се чувствуваа среќни и се запознаваа меѓусебно; “Video message” – учесниците земаа по еден балон со порака и со тоа го покажуваа своето чувството преку изразот на лицето и “Tell me your feeling” учесниците ги споделуваа чувствата во моментот преку цртање. Исто така многу сме задоволни од организацијата на Д-Фестивалот кое ни овозможи да се чувствуваме многу удобно и да сме дел на едно големо семејство“.

Институционалните грантисти, Центарот за истражувачко новинарство СКУП организираше проекција и дискусија „Мојот студентски дом“, а Младинскиот културен центар – Битола работилница „Фото-глас“. Дебатата на МОФ за граѓанскиот активизам низ призмата на панк културата и музиката - Панкот (не) е мртов? го отвори прашањето дали панкот како начин на размислување/активизам е мртов и му треба преродување или панкот е жив и треба да се реафирмира со новите текови. Анима мунди за целото времетраење на фестивалот го промовираше здравиот начин на исхрана и заштита на животните. Цивил со својот „Караван на слободата“ допатува и во Дојран и учествуваше и во музичкиот дел од фестивалот.

Silniot vetar i visokite temperaturi ne go sprechija gragjanskiot aktivizam 2

Акцискиот грантист Диверсити медиа со партнерот Алсат-М, организираа дебата во рамки на проектот „Глокал“ на тема „Уметниците – поттикнувачи на граѓанскиот активизам“, која беше и најпосетен настан. Во шаторот на Црвен крст беа сместени спасувачи од „Тим за одговор при катастрофа“ и „Тим за спасување на вода“. Целта им беше да се погрижат за безбедноста на сите присутни на фестивалот. Центарот за интегриран развој Охрид (ЦИРО) го презентираше фестивалот „Алтернативно лето Охрид 2“, кој е финансиски поддржан од Цивика мобилитас. 

Цивика мобилитас се претстави како преку своите грантисти, така и со сопствено катче каде тимот споделуваше информации за можностите за соработка со програмата и грантистите, како и за грантовите, но и поддршка за вмрежување и поврзување на организациите меѓу себе и со поединците-учесници на фестивалот. Катчето беше место и за соработка со другите граѓански организации, а дел од нив своите активности ги организираа токму таму, а тимот пак на Цивика мобилитас активно учествуваше во повеќето дебати и работилници.

Дојран по шести пат пулсираше во ритамот на Д Фестивал, летен фестивал кој се одржа во периодот од 15 до 17 јули, во Стар Дојран, каде покрај музика од преку 60 изведувачи на четири подиума, беа понудени и други содржини како граѓански активизам и арт активности. Ова е второ учество на Цивика мобилитас на фестивалот.

Активно учество во креативната арт зона имаа Цивика мобилитас заедно со своите грантисти: Анима мунди; Центар за Интеркултурен Дијалог (ЦИД); Субверзивен Фронт; Фондација за локален развој и демократија “Фокус“; ЕД Планетум; КХАМ; Црвен крст на град Скопје; Центар за интегриран развој Охрид - ЦИРО; Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија; Медиа плус и Радио Мрежа Канал 77; Левичарско движење Солидарност; Младински културен центар - Битола; Диверзити медиа; Младински Образовен Форум; Цивил и други.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Силниот ветар и високите температури не го спречија граѓанскиот активизам