Ефективни методи за борба против корупцијата на високо ниво - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Ефективни методи за борба против корупцијата на високо ниво PDF Печати Е-пошта
Вторник, 22 март 2016 20:06

Ефективна борба против корупција на високо ниво: прашање на личност или на систем?“ беше насловот на конференцијата што ја организираше денес  (22 март 2016 година) МЦМС во хотелот Холидеј ин во Скопје. На Конференцијата зборуваа Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител во Националниот директорат за антикорупција во Романија, Марко Зврлевски, Јавен обвинител на РМ и Катица Јанева, јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. 

Efektivni metodi za borba protiv korupcijata na visoko nivo

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, Министерот за правда, Аднан Јашари и Првиот извршен дирекотор на МЦМС, Александар Кржаловски имаа воведни обраќања. „Корупцијата се случува во целиот свет, но кога е оставена без контрола, кога за неа нема казна, тогаш демократијата е во најголем ризик и јавната и меѓународната доверба е изгубена. Државите треба да воспостават (и да поддржат) институции, закони и процедури кои ќе ги спречат и казнат актите на корупција“. Тој додаде дека законот мора да се применува  еднакво за сите, не низ призмата на партиската припадност. „Сите луѓе, без разлика на нивната политичка или етничка припадност, економски статус или род мораат да бидат еднакви пред законот. Казнените мерки преземени заради политичка одмазда или идеолошка нетрпеливост го рушат кредибилитетот на целиот систем.“

Обвинителката Кодрута Ковеси ги истакна резултатите на НДА за претходната, 2015 година и рече дека со преземените мерки за запленување сумата достигнала речиси половина милијарда евра и пораснала за 49% во однос на претходната 2014 година. Повратот на средства како резултат на правосилни пресуди изнесува речиси 200 милиони евра. Специјалната обвинителка Катица Јанева во своето обраќање се осврна на некои од предизвиците со кои се соочува нејзиниот тим вклучувајќи ја ограничената соработка и поддршка од институциите и недостатокот на човечки ресуси. 

Efektivni metodi za borba protiv korupcijata na visoko nivo 2

Во попладневната сесија, Јоана Авадини, извршен директор на Центарот за независно новинарство од Романија, Руслан Стефанов, директор на економската програма, Центар за изучување на демократијата од Бугарија, и Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернационал, Македонија зборуваат за индивидуалната наспроти колективната одговорност во борбата против корупцијата. 

„Граѓанските организации во регионот и во Македонија имаат двапати поголема доверба од онаа на иституциите“ рече Руслан Стефанов и додаде дека институциите треба да соработуваат со граѓанските организации и да ја користат нивната експертиза и поддршка.

„До 2000 година Романија немаше член во законот со кој се криминализира корупцијата“, рече Јоана Авадани. „Граѓанските организации ги документираа ризиците од корупцијата. Со инсистирањето да се зборува за корупција создадовме перцепција дека има корупција“, рече таа и додаде дека најголемо постигнување е промената на менталитетот на граѓаните, односно препознавањето на корупцијата и желбата да се реагира против неа.

Efektivni metodi za borba protiv korupcijata na visoko nivo 3

„Корупцијата е високо на листата на најголеми проблеми на граѓаните во сите 25 години независна Македонија“, рече Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС. Тој истакна дека МЦМС често применува метод на учење од искуствата на другите држави на патот кон Европската Унија и европските вредности и додаде дека тоа бил мотивот во организаирањето и на оваа Конференција. Осврнувајќи се на дилемата на конференцијата, дали ефективната борба против корупцијата е прашање на личност или на систем Кржаловски истакна дека за успехот, важна е личноста, но важни се и институциите. „Само личности со интегритет, кои веруваат во исправноста на своите постапки и истите ги засноваат на непобитни факти можат да предводат успешна борба со криминалот и корупцијата. Но исто така, неопходен е систем, независни, неселективни и отворени институции кои ќе делуваат согласно Уставот и законите и кои ќе ја поддржуваат заложбата на поединецот“, рече Кржаловски. 

Програмата на УСАИД за борба против корупцијата ја спроведува МЦМС со партнерите: Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦ), Транспарентност Македонија и Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар (АДИ).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Ефективни методи за борба против корупцијата на високо ниво