Четири нови студии на случаи со ризици од корупција - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Четири нови студии на случаи со ризици од корупција PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 08 Февруари 2016 14:49

Тимот на Програмата на УСАИД за антикорупција имплементирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Транспарентност Македонија (ТМ) ги промовираше „Студиите на случаи со ризици од корупција“. Целта на овие студии е подобрување на политиките за антикорупција, преку анализи на состојбите и укажување на конкретни случаи.

Chetiri novi studii na sluchai so rizici od korupcija-1

Вања Михајлова, авторката на студијата „Откривање и санкционирање на случаите на судир на интереси и неспојливост на функција заради превенција на ризиците од корупција“, се осврна на неефикасното спроведување на антикорупциската регулатива со која се уредува судирот на интереси кај избраните и именувани функционери и други службени лица и посочи повеќе примери. Михајлова истакна дека во периодот од 2010 до 2014 година ДКСК утврдила судир на интереси и кумулација на функции кај 323  службени лица, а изрекла јавни опомени за 75 службени лица, поднела вкупно седум иницијативи за кривично гонење и три иницијативи за разрешување од извршување јавни овластувања.

„Потребно е да се осигураат меѓузоните на граничните премини кои неодговорните граѓани може да ги користат за криминални дејства“, рече меѓу другото Артан Сулејмани, авторот на студијата „Бегалската криза помеѓу економските придобивки и ризикот од појава на мито, корупција и организиран криминал“.

Студијата „Анализа на работењето на Државната комисија за спречување на корупција“ ја презентираше авторот Мартин Дувњак. Според него, ДКСК треба да биде потранспарентна и повеќе да соработува со јавноста и граѓанските организации. Така граѓаните ќе имаат увид во она што го работи Комисијата, ќе се зголеми довербата и ќе се зајакне имиџот на иституцијата.

Chetiri novi studii na sluchai so rizici od korupcija-2

Александар Колекевски кој заедно со Ана Чупеска е автор на студијата „АЕК – (не)зависното владино тело“ се осврна на Законот за електронски комуникации кој, според авторите, е хиперрегулирачки и има тенденција да воведе авторитарна процедуралност, која е алатка за легализирање нелегитимни, па дури и илегални активности. „Една од спецификите во работењето на АЕК е префрлувањето на вишокот пари во области кои се надвор од нејзините надлежности“, рече Колекевски и додаде дека тоа е предмет на критика и во Извештајот на Европската комисија. Покрај тоа, АЕК троши милионски суми за реклами и веројатно по тоа е единствен пример во Европа.

Ова се четирите нови студии на случаи со ризици од корупција. Претходно, во септември 2015 година беа објавени уште три такви студии. Интегралните текстови на студиите се достапни на: http://www.mcms.mk и на http://www.transparentnost-mk.org.mk

Презентираните студии на случаи се дел од „Програмата на УСАИД за антикорупција”, финансирана од УСАИД. Програмата ја спроведува МЦМС, во партнерство со Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје, ТМ и Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ). Целта на проектот е зголемена информираност и знаење на граѓанските организации и граѓаните за барање отчетност од институциите како и придонес кон нивен повисок интегритет.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Четири нови студии на случаи со ризици од корупција